Линкови за пристапност

vesti 19 - 2004-01-19


Мартин Лутер Кинг

Американците денеска се потсетуваат на животот и достигнувањата на убиениот лидер за граѓански права Мартин Лутер Кинг Јуниор, кој доколку беше жив денеска ќе наполнеше 75 години.

Денешниот ден, кој е национален празник во САД одбележува со пригодни свечености и црковни служби. Во Баптистичката црква Ебнезер во Атланта Џорџија, каде г-динот Кинг бил пастор се очекува да присуствуваат илјадници луѓе. На свештеникот Кинг му се припишува водењето на битката за граѓански права на Афро-Американците и за организирањето на ненасилно протести за поттикнување на социјални промени во САД. Добитникот на Нобеловата награда за мир беше убиен во 1968 година.

Буш-Годишно обраќање до нацијата

Претседателот Буш се подготвува за неговиот утрешен говор за состојбата во државата, во кој ќе ги изложи принципите за неговата кампања за реизбор во ноември и ќе ги даде рамките во кои ќе ја води неговата политика во текот на оваа година.

Г-динот Буш ќе се обрати на заедничката сесија на Конгресот и на публиката која ќе го следи излагањето преку националната телевизија, што се оценува како шанса за него да даде претстава дека под негово раководство земјата е побезбедна и понапредна. Се очекува тој да побара скратувањето на даноците да биде постојано и да ги истакне позитивните економски вести и успесите во војната во Ирак. Сепак, демократите продолжуваат со критиките на сметка на претседателот за малиот број на новоотворени работни места и за постојаните напади врз американските трупи во Ирак.

Ирак

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан денеска се среќава со американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер и претставниците на Ирачкиот владејачки совет на разговори за идната улога на светското тело во оваа земја.

Г-динот Анан овој состанок го свика минатиот месец. САД бараат персоналот на ОН да се врати во Ирак, додека Вашингтон се подготвува за спроведување на планот за предавање на власта на привремена ирачка влада на 30 јуни. ОН велат дека и натаму се загрижени за безбедноста во земјата. Планот поддржан од САД предвидува привремената влада да биде избрана преку процес на регионални групи или состаноци. Но лидерот на највлијателното ирачко шиитско свештенство Ајатолахот Али Ал Систани бара одржување на непосредни избори. Десетици илјади поддржувачи на Ајатолахот Ал Систани денеска одржаа мирни протести во Багдад.

Израел-Сирија

Израелскиот премиер Ариел Шарон на членовите на националниот Парламент денеска им кажа дека мировните преговори со Сирија на крајот би можеле да резултираат со израелско повлекување од Голанската Висорамнина.

На денешниот состанок на комитетот на Кнесетот тој не даде дополнително објаснување на оваа изјава. Тој рече дека во минатото се противел на повлекување од стратешки значајната висорамнина која Израел ја окипира во војната во 1967 година. Портпаролот изјави дека г-динот Шарон на состанокот бил прашан од еден парламентарец дали ова е добро време за прифаќање на понудата од сирискиот претседател Башар Ал Асад за разговори.

Пакистан-Иран

Пакистанскиот министер за информации изјави дека неговата Влада не пронашла докази оти пакистански научници или други претставници пренеле каква било технологија за нуклеарно оружје во други земји.

Истрагата започна откако Меѓународната агенција за атомска енергија го покрена прашањето за иранската нуклеарна програма. Неколкумина научници и армиски офицери се наоѓаат под истрага за можно протекување на информации за нуклеарна технологија, додека главниот помошник на човекот познат како татко на пакистанската атомска бомба од саботата се наоѓа во притвор. Владата вели дека истрагата е речиси комплетирана.

ОН-Либија-Нуклеарна програма

Раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеи изјави дека ова тело на ОН ќе го потврди распуштањето на нуклеарната програма на Либија, додека САД и Британија ќе дадат логистичка поддршка.

Ова г-динот Ел Барадеи го изјави денеска во Виена по средбата со американскиот државен потсекретар Џон Болтон и претставникот на британскиот Форин Офис Вилијам Ерман. Според извештаите, САД сакале да имаат водечка улога во верификацијата дека Либија го исполнила ветувањето за распуштање на нејзините програми за нуклеарно и хемиско оружје. Г-динот Ел Барадеи инсистира на тоа дека само Меѓународната Агенција може да го надгледува процесот на разоружување.

Шведска-Линд

Шведскиот суд одлучи дека обвинетиот кој со нож до смрт ја избоде министерката за надворешни работи Ана Линд минатата година, мора да биде подложен на психијатриски тестирања, пред да му биде изречена пресуда.

Ова беше соопштено денеска по завршните зборови во судскиот процес за убиство што се води против 25-годишниот Мијаило Мијаиловиќ. Бранителот на г-динот Мијаиловиќ пред судот рече дека неговиот клиент немал намера да ја убие г-ѓа Линд кога во септември минатата година го извршил нападот врз неа. Г-динот Мијаиловиќ тврди дека гласови што само тој ги слушал му наредиле да ја нападне. Но обвинителството овој напад го нарече намерен и побара од судот на обвинетиот да му изрече казна доживотен затвор за убиство.

XS
SM
MD
LG