Ирак
Главниот американски администратор во Ирак, Пол Бремер се наоѓа во Вашингтон на разгледување на планот за трансфер на власта од коалицијата во рацете на ирачката Влада.
Портпаролот на Белата куќа вели дека било какви промени ќе се случат во рамките на договорот постигнат во ноември кој повикува на индиректна селекција на привремена влада во Ирак. Лидерот на ирачките Шиити повика на одржување на непосредни избори, за кои пак САД велат дека е невозможно да се реализираат во овој период. Г-динот Бремер во Вашингтон оствари средби со високи претставници, вклучувајќи го и претседателот Буш, а в понеделник заедно со други членови на ирачкиот владеачки совет, тој ќе замине во Њујорк на разговори за можната инволвираност на ОН по прашањето за трансфер на власта во Ирак.
Израел-Палестинци
Висок претставник на израелската одбрана кажа дека духовниот водач на палестинската милитантна група Хамас е осуден на смрт.
Израелците го обвинуваат шеикот Ахмед Јасин дека лично го одобрил самоубиствениот бомбашки напад во средата во кој загинаа честворица Израелци. Заменикот министер за одбрана Зеев Боим за израелското армиско радио изјави дека Шеик Јасин, според неговите зборови, “подобро да се закопа длабоко под земја каде што не ќе може да каже дали е ден или ноќ“. Тој кажа дека Израел “ќе го пронајде во тунелите и дека ќе го ликвидира“. По петочната молитва во џамијата во Газа, стариот свештеник во инвалидска количка демантираше дека го одобрил самоубиствениот бомбашки напад и на новинарите им изјави дека не се плаши од израелските закани со смрт.
Пакистан-Мушараф
Пакистанскиот претседател Первез Мушараф и шефот на американската централна команда, генералот Џон Абизаид денеска се сретнаа во исламабад на разговори за војната против тероризмот.
Генералот Абизаид е одговорен за војната во Ирак и за операциите во Авганистан. Неговата посета се случува една недела по големата операција на пакистанската армија во пограничната племенска област во близина на Авганистан, која се смета за главно засолниште на борците на Ал каида и Талебан. Во меѓувреме, во Пакистан е соопштено дека утре, претседателот Мушараф за првпат ќе се обрати пред парламентот, со што ќе ја отвори новата собраниска сесија.
Франција-САД-Ирак
Францускиот претседател Жак Ширак ја разгледува можноста за испраќање воен контнгент во Ирак во оној момент кога суверенитетот ќе се врати во рацете на Ирачаните.
Весникот Ле Монд цитира неименуван советник на Ширак кој вели дека доколку ОН побараат од НАТО да испрати мултинационални сили, Франција би можела да биде дел од тоа. Францускиот министер за одбрана Мишел Елио Мари денеска во Вашингтон изјави дека евентуалната француска улога би можела да биде во однос на помогање во обуката на ирачката полиција. Ова е прва посета на министерско ниво по инвазијата врз Ирак под американско раководство, која наиде на жестока осуда од страна на француската Влада.
Турција-ЕУ
Претседателот на Европската комисја Романо Проди вели дека Турција се движи во вистинска насока со усвојување на реформите, но како што кажа, битно е тие да бидат имплементирани.
Г-динот Проди кажа дека допрва треба да има зголемување на човековите права и подобрување на судството. Тој кажа дека му е мошне жал за денешната одлука на турскиот суд да не бидат ослободени четворица курдски членови на парламентот кои се наоѓаат во притвор и за кои требаше да биде отворена нова судска расправа. Европскиот суд за човекови права нареди да се започне ново судење за овие лица уште пред три години, велејќи дека оригиналниот судски процес бил нечесен. Четворицата беа обвинети и притоворени во 1994-та година за наводна поврзаност со курдските бунтовници.
Марс-Вселенско возило
Американското вселенско возило на Марс започна со испитување на инструментите пред да започне првото истражување на површината на Марс.
Вселенското возило Спирит вчера полека се спушти од својата платформа на правливата површина на Марс. Возилото е програмирано денеска да ја пушти својата механичка рака и да употреби микроскопска камера за да ја фотографира почвата на планетата. Вакви фотографии од блиску може да обезбедат суштински информации за тоа како карпите и почвата биле формирани на планетата и евентуално да им помогнат на научниците да одговорат на прашањето дали на Марс некогаш имало живот.
Џексон-Судење
Поп ѕвездата Мајкл Џексон пред судот во Калифорнија се изјасни дека не е виновен по обвиненијата за злоставување на дете.
Кралот на поп музиката, како што го нарекуваат Џексон, денеска се изјасни по седум обвиненија против него, кои се однесуваат на сексуални акти врз момче помладо од 14 години. Тој уште од самото поднесување на обвиненијата пред два месеци тврди дека не е виновен, но доколку биде обвинет може да се соочи со казна затвор од над 20 години. Безбедноста околу судската зграда денеска била зајакната, каде во знак на поддршка на г-динот Џексон биле присутни стотици негови обожаватели.