Линкови за пристапност

Новиот претседавач со ОБСЕ смета дека пораките за слобода, толеранција и демократија се клучни за поранешните комунистички земји - 2004-01-15


Господинот Паси на новинарите им изјави дека ОБСЕ претставува зрак на надеж за неговата генерација што живеела зад Железната завеса. Тој вели дека денеска, на луѓето во земји, како на пример Туркменистан, се уште им е потребен тој зрак.

Поранешните советски републики во централна Азија, Туркменистан, Узбекистан, Таџикистан, Киргистан и Казакстан и натаму се главно отсечени од остатокот на светот и често добиваат критики од ОБСЕ и од другите организации заради кршење на човековите права.

Претставниците на ОБСЕ велат дека малтретирањата на новинари, тортурата и цензурата се вообичаени во овие земји. Како резултат на тоа, некои претставници на ОБСЕ дури сакаат да го исклучат од членство Туркменистан, затоа што сметаат дека таму најповеќе се прекршуваат човековите права.

Но господинот Паси, кој една година ќе претседава со организацијата од 55 земји-членки, е на мислење дека ОБСЕ не смее да ги напушти луѓето таму.

„Верувам дека каков и да е дел од информација што можеме да го доставиме до Туркменистан и до секоја друга земја, ќе биде од помош. За слобода и демократија пред се се потребни информации и затоа информациите се клучен елемент на нашата политика“, истакна Паси.

Тој го спомена и сопственото искуство како опозиционер за време на Студената војна, кога, како што рече, информациите од странски извори биле клучни.

„Изолацијата е контрапродуктивна. Ни треба дијалог, што, меѓутоа, треба да биде дијалог со народот. Се сеќавам, кога бев млад, колку важни беа пораките што доаѓаа од Радио Слободна Европа, од Гласот на Америка, од Би-Би-Си и Дојче Веле“, вели господинот Паси.

Од овие причини, бугарскиот шеф на дипломатијата најавува дека образованието ќе биде еден од неговите приоритети како претседавач на ОБСЕ. Тој истакнува дека образованието е важно за формирање на демократски институции, за промоција на толеранцијата и за создавање на успешни пазарни економии. Покрај тоа, ОБСЕ оваа година, вели г-нот Паси, во Берлин ќе одржи специјална конференција за анти-семитизмот, што во Европа е во пораст.

XS
SM
MD
LG