Линкови за пристапност

Американското вселенско возило „Спирит“ почна да се движи по површината на Марс  - 2004-01-15


Контролорите на мисијата на „Спирит“, кое всушност претставува подвижна лабораторија за испитување на површината на Марс, му наредија да појде нанапред три метри, спуштајќи ги цврсто сите свои шест тркала на површината на планетата.

Претставникот на мисијата Роб Манинг набрзо потоа кажа дека Спирит го потврдил успешното спуштање од платформата на површината на Марс, емитувајќи фотографија на која се гледаат трагите од неговите тркала во правта, како и платформата.

„Ова е сликата што ја чекавме. Сега сме на Марс. Тркалата на возилото конечно се извалкаа. Многу е возбудливо. Конечно ни олесна“, истакна господинот Манинг.

За многумина од екипата на мисијата, напредувањето на вселенското возило на површината на Марс претставува кулминација на тригодишните напори. Директорот на Подвижната лабораторија, Чарлс Елачи, вели:

„Спирит е подготвен да ја започне својата мисија на истражување и откривање. На површината имаме шест тркала. Марс сега е нашата кутија со песок и подготвени сме да си играме и да учиме. Морам да ви кажам дека никогаш не сум видел толку многу возбудени луѓе само затоа што виделе две траги во правта“, вели Елачи.

Инженерите во наредните три, четири дена ќе ги проверуваат инструментите на возилото, пред научниците во мисијата да почнат да го управуваат за да собира примероци од почвата и карпите.

Научниците бараат хемиски докази дека некогаш на Марс имало вода и дека на планетата потоеле услови за живот. Тие планираат најпрвин да ја истражуваат непосредната област околу местото на слетување, пред да започнат да го движат возилото по неколку метри дневно во наредните три месеци.

Возило идентично на Спирит треба да слета за помалку од една недела на другата страна на Црвената планета, со цел и таму да се провери теоријата дека на Марс некогаш имало вода.

XS
SM
MD
LG