Линкови за пристапност

Буш-Фокс: Поддршка за програмата за привремено легализрање на статусот на имигрантите во САД - 2004-01-13


Претседателот Буш доби поддршка за неговиот предлог за имиграцијата од мексиканскиот претседател Винсенте Фокс, што се смета за уште еден знак за подобрување на односите меѓу двете земји по недоразбирањата во врска со Ирак и други прашања. Претседателот Буш ги објави плановите за програмата за привремени работници само неколку дена пред средбата со мексиканскиот лидер.

Винсенте Фокс тоа го нарече важен предлог. Говорејќи преку преведувач на заедничката прес-конференција, тој побара од американскиот Конгрес да ја поддржи иницијативата на Белата куќа.

„Тоа е приоритет. Тоа е вреден предлог“,рече мексиканскиот лидер.

Доколку биде одобрена, со оваа програма ќе може потенцијално да се даде привремен легален статус на милиони работници без документи, од кои повеќето се Мексиканци кои сега живеат во САД. Според претседателот Буш, главно е да се спојат интересите на работниците со работодавците кои имаат работни места што е тешко да се пополнат.

„Овој план не е амнестија, со која работниците без документи автоматски се на пат да добијат државјанство. Јас сум против амнестија, затоа што со неа се поттикнува кршење на нашите закони и ќе се пролонгира илегалната имиграција“, рече претседателот Буш.

Претседателот Фокс вршеше притисок врз администрацијата на Буш уште откако стапи на функција да усвои нови закони за имиграција. Но овие разговори за реформи паднаа во сенка по терористичките напади на САД на 11 септември, по што во фокусот беше безбедноста на границите.

Предлогот на претседателот Буш за привремената програма за работници повторно ја врати темата за имиграцијата. Тоа исто така значи обид за унапредување на односите со Мексико кои се заладија за време на инвазијата на Ирак.

Претседателот Фокс одби да ја поддржи воената акција за соборување на ирачкиот лидер Садам Хусеин. Но по разговорите со господинот Буш на новинарите им изјави дека тие се заедно во војната против тероризмот. За да го нагласи тоа пред американската јавност, тој од шпански се префрли на англиски јазик за да говори за апсењето на Садам Хусеин и неговото судење што се очекува.

„Потполно го поддржуваме тоа и му честитаме на претседателот Буш и на САД за многу важното достигнување, што е за доброто на сите земји, семејства и за сите народи во светот“, рече г-динот Фокс.

Претседателот Буш веднаш по пристигнувањето во Мексико се сретна со Винсенте Фокс на специјалниот самит за овој дел од хемисферата што се одржува во индустрискиот град Монтереј. На состанокот учествуваат избраните лидери на 34 држави.

XS
SM
MD
LG