Линкови за пристапност

Ана Еирас од Фондацијата Херитиџ: Економскиот излез за Македонија е во отворањето на пазарите - 2004-01-13


Глас на Америка: Македонскиот премиер за оваа година вети дека Владата ќе донесе странски инвестиции. Според индексот за слобода на економијата дали има услови ова ветување да се реализира?

Ана Еирас:Претпоставувам дека тој мислел на ветување услови за привлекување инвестиции. Затоа што мислам дека не е во негови раце да ветува дека ќе донесе инвестиции. Во книгата што ја подготвуваме тука во Херитиџ секоја година, може да се види дали има соодветни услови за привлекување инвестиции. Притоа не мислам само на странски инвестиции, мислам на локални инвестиции. На Македонците кои сакаат да ги ризикуваат своите заштеди и да отворат некоја продоавница или некаков мал бизнис. Според книгата, условите се подобриле изминатите години, но не е лесно да се работи како во други земји во светот.

Глас на Америка: Кои услови треба најитно да ги обезбеди Владата за да се инвестира во земјата?

Ана Еирас:Целта на Владата не треба да бидат само странски инвестиции, туку обезбедување услови за мали и средни фирми. Една од работите што Македонија мора да ги подобри е регулативата за мали и средни претпријатија. Зошто тоа е важно? Тие се двата главни извори за работни места во секоја економија. Големите корпорации обезбедуваат дел од работните места, но со цел да има повеќе ви требаат милиони мали и средни претпријатија. Ако ги нема тие услови, ќе страда економијата. Како што гледам во книгата, итно е потребно подобрување на регулативата за мали и средни претпријатија. На пример чекорите што треба да се преземат за добивање дозвола за возење такси или за дозвола за отворање продавница, се тешки за малите и средни претпријатија. Што се однесува до странските инвестиции тоа е добро, немам ништо против. Но ако сакате Македонија да има иднина што ветува, тогаш мора прво да се погрижите за малите претпријатија. Ако има услови за локални инвестиции, тогаш ќе има и за странски инвестиции. Друга област за која е потребно подобрување се сопственичките права или она што го нарекуваме ефикасност на правниот систем, пред се за заштита на деловните договори.

Глас на Америка: Во истражувањето на вашата Фондација се предвидува дека годинава е можна дестабилизација на земјата заради тешките реформи што мора да ги спроведе Владата според договорот со ММФ.

Ана Еирас:Она што ги вознемирува повеќето од луѓето што владите ветуваат реформи, реформи, а реализираат половина од тоа и болката останува, а нема резултати. За да може обичниот човек да има корист од реформите, треба да се спроведат реформи и во други области, не само во банкарството или капиталот или со странски инвестиции.

Глас на Америка: Македонија е земја со мал пазар. Каде го гледате излезот за подобрување на економската состојба?

Ана Еирас:Со отворање на пазарите, како на пример Хонгонг. Хонконг е многу мал, многу мал, се наоѓа на карпи, таму ништо не можете да посадите, на пример. А тој е една од најбогатите економии во светот. Отворањето на пазарите е решението.

XS
SM
MD
LG