Линкови за пристапност

Најнови вести, 12 јануари 2004 - 2004-01-12


Израел-Сирија

Сирија ја одби израелската покана упатена до претседателот Башар ал-Асад да го посети Ерусалим за мировни преговори. Израелскиот шеф на државата, Моше Кацав денеска на израелското радио ја објави поканата, велејќи дека Израел мора да ги испита неодамнешните повици на сирискиот лидер за обновување на мировните преговори. Но висок сириски функционер набрзо ја отфрли поканата велејќи дека не е “сериозен одговор“. Сирискиот лидер минатиот месец кажа дека е подготвен да ги продолжи разговорите онаму каде што запреле во 2000-та, кога Израел нудеше враќање на речиси целата Голанска висорамнина што Израел ја одзеде од Сирија за време на војната во 1967 година.

Ирак

Американската армија соопшти дека во судир со вооружени лица кои се обидувале да крадат нафта од нафтоводот во централен Ирак, војниците убиле седум Ирачани. Армискиот портпарол кажа дека еден информатор ги водел војниците до нафтоводот, северно од градот Самара, каде што вчера биле забележана група од 40 вооружени лица. Портпаролот кажа дека тие почнале да пукаат во војниците на што Американците возвратиле. Седуммина Ирачани биле убиени, а другите избегале. Во судирот биле уништени и три цистерни со гориво. Во друг инцидент загинал американски војник,а двајца биле повредени при експлозија на бомба поставена крај пат во Багдад.

Ирак-Турција-САД

Американски и турски претставници велат дека САД започнале да ја користат воздушната база во јужна Турција за ротирање на војници во и надвор од Ирак. Турските претставници велат дека ротирањето на трупите преку воздушната база Инџирлик започнало уште минатата среда. Дозволата на Анкара за користење на базата претставува помена на ситуацијата од минатата пролет, кога Турција го одби барањето американските трупи да ги користат турските копнени бази за инвазија на Ирак. По војната односите започнаа да се подобруваат, а Турција понуди и испраќање турски мировници во Ирак, идеја подоцна остро критикувана од турската опозиција. Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган месецов се очекува да допатува во Вашингтон на разговори со претседателот Џорџ Буш.

Авганистан – Пакистан

Пакистанскиот премиер Зафарула Кан Џамалија ја заврши посетата на Авганистан, каде со претседателот Хамид Карзаи разговараше за пограничната безбедност и борбата против тероризмот. Претседателот Карзаи вели дека посетата била доказ за зајакнување на политичките и економски односи меѓу двата соседа. Господинот Џамали истакна дека Пакистан ја зголемил погранигната безбедност со цел да се спречат исламските милитанти да преминат во Авганистан, како и тоа дека обете земји ќе се борат против тероризмот рамо до рамо. Во меѓувреме, властите во авганистанската провинција Нимруз велат дека осомничените талебански бунтовници нападнале полициски контролент пункт при што загинале најмалку четворица полицајци.

Северна Кореја – нуклеарна програма

Висок претставник на Јужна Кореја изјави дека членовите на неофицијалната американска делегација што посети нуклеарен објект во Северна Кореја не можеле да утврдат колку далеку отишол Пјонгјанг во развивањето на оружје. Претставникот на јужнокорејското министерство за надворешни работи Ви Сунг-лак денеска се сретал со двајца членови на неофицијалната делегација, кои не можеле да кажат дали нивната посета на комплексот Јонгбјон би можела да потврди нешто. Тој изјави дека е премногу рано да се каже што значи оваа посета во рамките на напорите за решавање на 15-месечната криза околу севернокорејската програма за нуклеарно прашање. Северна Кореја денеска ја повтори својата понуда да ги замрзне своите нуклеарни активности во Јонгбјон, за за возврат да добие нафта и економска помош од САД.

Албанија - имигранти

Во Албанија денеска е ден на жалост по поморската несреќа во Јадранското море во која загинаа најмалку 21 илигелен имигрант кои се обидувале да стасаат до Италија. 11 лица, меѓу кои и двајцата наводни шверцери со работна сила ја преживеале несреќата. Официјални лица изјавија дека 12 бродови, од кои два италијански, продолжуваат со потрагата во областа по уште седум лица кои се уште се водат за исчезнати. Во меѓувреме, премиерот Фатос Нано свика состанок на највисоките безбедносни и полициски претставници, на кој се разговарало за зајакнување на мерките против трговијата со луѓе и организираниот криминал. Италијанската морнарица во саботат го открила неуправуваниот брод во студените води на Јадранското море.

Босна - НАТО

НАТО трупите ја завршија тридневната потрага на Пале по Радован Караџиќ, поранешниот лидер на босанските Срби кој е осомничениот за воени злосторства. Портпаролот на Алијансата изјавил дека операцијата завршила денеска и притоа ја пофалил полицијата на босанските Срби за нивната соработка. Истражителите ги разгледуваат докумените пронајдени во акцијата со цел добивање информации за тоа каде се наоѓа Радован Караџиќ. Трупите предводени од НАТО во саботата влегле во Пале откако добиле информација дека тој можеби се крие таму. Операцијата заврши неуспешно и покрај деталниот претрес на куќата на Караџиќ, на болниците, црквата и домовите на неговите роднини.

XS
SM
MD
LG