Линкови за пристапност

Нова  влада во турскиот дел на Кипар - 2004-01-12


Новата влада ќе биде коалиција меѓу Турската републиканска партија која се залага за реунификација со грчкиот сектор, и Демократската партија која е против оваа идеја да се реализира според планот на ОН.

Лидерот на Републиканската партија, Мехмет Али Талат врши притисок за брзо враќање на преговарачка маса по планот на Светската организација, со кој се предвидува присоединување на северниот турски сектор од Кипар со меѓународно признатата влада на грчкиот, јужен дел на островот.

Во изјавата за кипарската телевизија, г-динот Талат кажа дека коалицијата е формирана со цел да се најде решение за поделениот остров до први мај, кога грчкиот дел ќе му се приклучи на европското семејство.

Меѓутоа, Демократската партија е предводена од Сердар Денкташ, синот на претседателот на кипарските Турци, Рауф Денкташ кој го одби планот на ОН минатиот март, нарекувајќи го предавство за неговиот народ.

Сердар Денкташ беше исто така гласен противник на планот, но во изминативе недели тој изгледа како да ја прифаќа идејата за отварање нова рунда разговори со кипарските Грци. Во новата влада, г-динот Денкташ ќе биде заменик премиер и министер за надворешни работи. Меѓутоа, неговиот татко и натаму ќе има улога на главен преговарач во разговорите за реунификација.

Кипарските Турци се под притисок да постигнат договор со грчкиот југ, пред планираниот влез на Кипар во ЕУ. Доколку иницијативата биде неуспешна, Кипарските Турци ќе бидат уште повеќе изолирани од меѓународната заедница.

Турција, единствената земја која го признава северниот дел на Кипар, исто така со нетрпение чека на решавање на проблемот. Во изминативе месеци, турски претставници разговараа со претседателот Денкташ по ова прашање. Тие не сакаат спорот во Кипар да им наштети на шансите на Турција за членство во ЕУ.

Во изминативе недели САД исто така ги повикаа турските, грчките и кипарските лидери на итно започнување разговори за реунификација на островот според планот на ОН. Претседателот Буш ќе разговара за проблемот на средбата со турскиот премиер Тајип Ердоган што месецов ќе се одржи во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG