Линкови за пристапност

Продолжуваат обидите за нови израелско-сириски преговори - 2004-01-12


Претседателот Моше Кацав денеска упати покана до неговиот сириски колега Башар ал-Асад да го пoсети Ерусалим, без никакви предуслови.

“Јас сум претседател на Израел и имам авторитет да ги покануван претседателите на другите земји да дојдат во Израел. Го канам сирискиот претседател да дојде во Ерусалим на средби со лидерите на земјава на сериозни преговори, доколку тоа го сака“, изјави израелскиот претседател.

Г-динот Кацав вели дека Израел мора сериозно да го разгледа неодамнешниот предлог на сирискиот претседател Башар ал -Асад за обнова на преговорите со Израел.

На почетокот на декември, сирискиот лидер за Њујорк Тајмс изјави дека е подготвен за продолжување на преговорите со Израел од онаму каде тие беа прекинати во 2000 година, кога Израел понуди враќање на речиси цела Голанска Висорамнина, која ја окупира од Сирија во текот на шестдневната војна во 1967 година.

Г-динот Кацав вели дека „намерите, степенот на сериозност и мотивите“ зад наводната подготвеност на сирискиот претседател за мировни разговори ќе бидат проверени преку „тајни канали“, но беше јасен дека неговата покана нема никакви предуслови.

Претседателот Кацав има ограничено политичко влијание што произлегува од неговата церемонијална улога на лидер на Израел.

Вчера, израелскиот премиер Ариел Шарон изјави дека е подготвен за продолжување на мировните разговори, но под еден услов.

“Уверен сум дека она што треба да се направи е Сирија да запре со помошта и поддршката на теористичките организации. И доколку тоа се случи, верувам дека Израел со задоволство ќе преговара“, рече господинот Шарон.

На прес-конференцијата во Ерусалим, г-динот Шарон посебно ја истакна сириската поддршка за милитантната исламска група Хезболах во Либан и исто така се осврна на поддршката која според него Дамаск ја дава на палестинските милитанти.

Пред тоа, г-динот Шарон на својот Кабинет му кажа дека Израел не треба да брза во поддршката за Сиријците, пред целосно да биде испитано што се крие зад сириската иницијатива за продолжување на мировните разговори.

XS
SM
MD
LG