Линкови за пристапност

vesti 9-ti - 2004-01-09


Ирак

Пет лица загинале во експлозија пред шиитска џамија во ирачкиот град Бакуба, северно од Багдад.

Ирачката полиција вели дека експлозијата била предизвикана од цилиндер со гас што бил закачен на велосипед. Тој бил активиран пред џамијата кога луѓето почнале да ја напуштаат по петочната молитва. Претходно, во главниот град со два проектила со пропелер бил погоден хотелот во кој престојуваат работници по договор и бизнисмени, најмени од коалицијата предводена од САД. Притоа никој не е повреден. А, во Тикрит, родниот град на соборениот ирачки лидер Садам Хусеин, американските трупи извеле акција во текот на ноќта и уапсиле 14 лица кои биле осомничени за напади врз коалиционите сили.

ОН – Ирак - Разговори

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан денеска ќе се сретне со американскиот пратеник на разговори околу плановите за идната улога на ОН во Ирак.

Господинот Анан го повлече персоналот на ОН од Ирак по самоубиствениот бомбашки напад во седиштето во Багдад во август кога загинаа 22 лица. Тој сугерираше дека иднината на присуството на ОН во Ирак може да зависи од улогата на светската организација во транзицијата на власта. Американскиот амбасадор во ОН Џон Негропонте се очекува да разговара за новите заложби на САД за заштита на персоналот на ОН во Ирак, како и за можностите за подефинирана улога на ОН во Ирак.

Ирак – Пауел

Американскиот државен секретар Колин Пауел ги бранеше поранешните изјави на администрацијата на Буш за ирачкото оружје за масовно уништување.

Тој кажа дека Ирак претставувал опасност што не можела да биде игнорирана и дека меѓународната заедница и режимот на Садам Хусеин имале многу години да го решат проблемот пред коалицијата предводена од САД да реши да оди во војна. Господинот Пауел напомена дека Ирак веќе употребил оружје за масовно уништување. Тој додаде дека и покрај неуспехот на коалицијата да го пронајде забранетото оружје по војната, нема сомневање дека соборениот ирачки лидер имал намера да го развива. Господинот Пауел реагираше на извештајот во кој се обвинува американската администрација за погрешно претставување на ирачката закана.

Северна Кореја – Нуклеарна програма

Северна Кореја денеска најави дека нема да ги следи стапките на Либија во еднострано објавување на оружјето за масовно уништување.

Портпаролот на министерството за надворешни работи изјави дека би било “глупаво“ да се очекува каква било промена во позицијата на Пјонгјанг за нукеларната програма. Како што го цитира државната Севернокорејска новинска агенција, портпаролот рекол дека развојот на настаните во земјите на Блискиот Исток нема влијание врз Северна Кореја. Без директно да ги спомене Либија или војната во Ирак предводена од САД, тој кажал дека Пјонгјанг никогаш не бил под влијание на други земји и дека тоа нема да се случи ниту во иднина.

Франција – Либија

Либија денеска во Париз потпиша договор за исплата по милион долари на секое семејство на 170-те жртви кои загинаа во 1989 година во францускиот авион што беше уништен со бомба над Сахара.

Францускиот суд за нападот обвини шестмина Либијци во отсуство. Либија никогаш не ја прифати одговорноста за нападот, но кажа дека ќе ја плати отштетата. Францускиот министер за надворешни работи Доминик Де Вилепен го поздрави договорот по разговорите со својот либиски колега Абд Ал-Рахман Шалгам. Францускиот претставник кажа дека овој чекор ќе води кон ново ниво на дипломатските односи меѓу Франција и Либија.

Авганистан

Администрацијата на Буш вели дека првите демократски избори во Авганистан може да се одржат во предвидениот рок и покрај загриженоста за бавноста на регистрирањето на гласачите.

Американскиот амбасадор во Авганистан Залмај Кализад на новинарите во Вашингтон вчера им изјави дека сите проблеми може да бидат надминати до изборите што треба да се одржат за шест месеци. Тој ова го изјави откако ОН соопштија дека изборите може да се одложат заради безбедносни проблеми што сериозно ги отежнуваат напорите за регистрација на гласачите. Портпарол на ОН кажа дека екипите за регистрација не можеле да стигнат до многу делови на земјата и дека ќе биде речиси невозможно да се исполнат роковите за избори во јуни под сегашните безбедносни услови.

Буш – Вселена

Претседателот Буш наредната недела се очекува да предложи нова политика за истражување на вселената, вклучувајќи и продолжување на летовите со човечки екипаж на Месечината и прв лет на Марс.

Новиот план кој треба да биде соопштен во среда треба да вклучи евентуални мисии со човечки екипаж на Месечината, процес што би се остварил до следната деценија, со подготовка таму да се формира постојана истражувачка база. Овие мисии би значеле поставување основа за идни летови со човечки екипаж и на Марс. Портпаролот на Белата куќа вели дека иницијативата уследи по евалуацијата на долгогодишните цели на САД во однос на вселената, која беше извршена по наредба на г-динот Буш по минатогодишната катастрофална загуба на вселенското летало Колумбија.

XS
SM
MD
LG