Линкови за пристапност

Најнови вести,  8 јануари 2004 - 2004-01-08


Ирак

Американските власти во Ирак соопштија дека во близина на градот Фалуџа се урнал американски воен хеликоптер, при што загинале сите девет лица кои биле во него. Армијата вели дека хеликоптерот Блек Хоук бил на мисија за медицинска евакуација кога почнал итно да се спушта. Не се знае причината за уривањето. Инаку Фалуџа е жариште на активностите на бунтовниците против коалицијата. Денеска сведоци изјавија дека виделе два камиони со ирачки затвореници кои биле ослободени од страна на коалицијата предводена од САД во Багдад. Но властите велат дека ослободувањето било рутинско и не било дел од амнестијата за вкупно 500 затвореници што треба да бидат ослободени како гест на добра волја за промоција на помирувањето.

ММФ

Меѓународниот монетарен фонд предупредува дека проблемите во американската економија претставуваат значителен ризик за остатокот од светот. Финансиската група со седиште во Вашингтон вели дека проектираниот пораст на американскиот јавен долг во следната деценија би можел да влијае врз каматните стапки, кои за возврат би можеле да ги запрат глобалните инвестиции и производството. ММФ исто така предупредува дека со вршењето притисок врз американскиот долар, се ризикуваат големи и ненадејни промени во стапката на размена на валутите. Фондот вели дека се уште има време за решавање на овие проблеми, но тоа време е се покусо.

Авиосообраќај – безбедност

Висок американски претставник изјави дека летот на Бритиш Ервејс од Лондон до Вашингтон минатата недела неколкупати бил одложуван бидејќи властите имале конкретни информации кои сугерирале дека тој е цел на терористите. Но секретарот за домашна безбедност Том Риџ рече сега вели поради ригорозните инспекции од страна на британската влада, летот 223 на Бритиш Ервејс сега е доволно безбеден што би дозволил и неговите деца да патуваат. Г-динот Риџ вчера говореше за Британската телевизија во Вашингтон, по разговорите со претставници на британската Влада за подобрување на авио-безбедноста.

Израел - Сирија

Високи израелски владини и воени лидери повикаа на продолжување на мировните преговори со Сирија, велејќи дека не треба да се игнорираат неодамнешните обиди за разговори на сирискиот претседател Башир ал-Асад. Израелскиот министер за финансии Бенџамин Нетанјаху, инаку поранашен премиер, кажа дека Сирија е под голем притисок да преговара по соборувањето на Садам Хусеин во Ирак. Господинот Нетанјаху изјави дека на Сирија и е потребен мир со Израел во време кога се отстрануваат деспотските режими во светот. Министерот за надворешни работи Силван Шалом кажа дека понудата на господинот Асад за нови разговори треба внимателно да се испита. Голем број израелски воени лидери исто така изразија поддршка за продолжување на мировниот процес.

Авганистан

Американската армија со авион во воздухопловната база Баграм во Авганистан, пренела 18 Авганистанци кои биле потешко повредени во терористичките бомбашки напади во Кандахар. Ова се случува еден ден откако висок командант на Талебан се извинил за нападот од кој загинаа најмалку 15 лица, а повредени се 40-тина, од кои поголем дел деца. Наводниот талебански командант Мула Сабир Момен за агенцијата Ројтерс изјави дека целта на нападот била повоена канцеларија за реконструкција. Засега нема информации за апсења по овој инцидент.

Пакистан - Индија

Пакистанскиот претседател Первез Мушараф вети дека ќе се консултира со кашмирските лидери и целосно ќе ги претставува нивните интереси на претстојните мировни преговори со Индија. Генералот Мушараф ги изнесе неговите гаранции на денешниот состанок со претседателот и премиерот на делот на Кашмир под пакистанска контрола, а на кој присуствуваа и други регионални функционери. На разговорите во Равалапинди не учествуваа пакистански милитантни групи. Ова беше втора средба изминатава недела меѓу пакистанскиот лидер и претставници на Кашмир. Тој уследи два дена откако нуклеарните соперници Индија и Пакистан се согласија на нова рунда преговори со цел да се разреши нивниот полувековен спор за Кашмир.

Иран - земјотрес

Иранските медиуми јавија дека еден 57-годишен човек бил извлечен од урнатините 13 дена по катастрофалниот земјотрес. Државното радио јави дека откако вчера бил извлечен од урнатините тој набрзо се онесвестил. Спасувачите кажаа дека преживеал затоа што имал вода, но лекарите велат дека може да почине во болница. Според експертите многу е ретко луѓе да преживеат толку долго во вакви услови. Во меѓувреме, Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина апелираат за уште 42 милиони долари помош за жртвите од земјотресот во југоисточниот град Бам.

САРС

Кина која се обидува да го спречи ширењето на болеста САРС, на претставниците на железничкиот сообраќај им нареди да се проверува температурата на патниците во сите возови во земјата. Кинеската државна агенција Ксинхуа денеска јави дека кинеското Министерство за железнички сообраќај вели дека на патниците со телесна температура од 38 степени целзиусови и повеќе, нема да им се дозволи да се качат на одреден воз. Не е прецизирано дали тоа ќе значи оти надлежните лица ќе ја проверуваат температурата буквално на секој патник. Лицето кое е првиот случај на САРС во Кина по шест месеци денеска е пуштено од болница. Но во јужна Кина и Хонг Конг се јавува за нови можни случаи на ова заболување.

XS
SM
MD
LG