Линкови за пристапност

Профили на претседателските кандидати: Ал Шарптон  - 2004-01-08


“Многу ви благодарам. Големо задоволство е да се биде домаќин на емисијата “Во живо во сабота навечер“. За мене ова е прекрасна можност да имам поширока публика. Можеби вечерва, луѓето ќе го запознаат вистинскиот Ал Шарптон, претседателот Ал Шарптон“.

На пресветлиот Ал Шарптон не му пречи да се шегува на сопствена сметка. Тој знае дека шансите да стане претседател му се многу мали.

Откако по три обида не успеа да биде избран, еднаш за градоначалник на Њујорк и два пати за Сенатот, Ал Шарптон ја започнува првата кампања за претседател, со јасна порака: Тој вели дека ќе се залага за малцинствата, ќе зборува против републиканецот Џорџ Буш и политичката машина.

Во неодамнешната дебата, тој ја спомена неправдата кон некои Црнци чии гласови не беа пребројани на Флорида на изборите во 2000-та и ја критикуваше поддршката на Ал Гор на неговиот противник од Демократската партија, Хаурад Дин, дека претставувало “командување“.

“Чекавме четири години, од кои некои беа одземање на права, откако на некои од нас во општината Дувал не можеа да гласаат, со што би го изразиле својот став, и нема сега некое големо име да ни кажува дека полето треба да биде ограничено и дека нема да се слушне нашиот глас, Републиканците не замолчаа пред 4 години, Ал Гор, но ниту еден Демократ нема да не замолчи денеска. Знам дека гувернерот Дин и Ал Гор сакаат интернет, но нивниот сајт за командување не работи на мојот компјутер“, вели Ал Шарптон.

За една работа во врска со Ал Шарптон многумина се согласуваат, дека тој е експерт за разгорување емоции. Контроверзниот црн лидер стана познат во 1987 година кога ја бранеше црната тинејџерка Тавана Броули, која тврдеше дека ја силувале неколку белци – тврдење што подоцна се покажа како измама. Кога млад Црнец беше убиен во еврејскиот дел на Бруклин во 1989 година, господинот Шарптон ги предводеше расните протести на улиците. А кога западноафриканскиот имигрант Амаду Диало беше застрелан 41 пат од полицајци белци кои се сомневале дека посегнува по пиштол, господинот Шарптон водеше јавна кампања против полицијата заради расно профилирање.

Ал Шарптон има најмногу поддршка меѓу црнечките заедници, особено во Њујорк. Како мал, родум од Бруклин, тој го сакал проповедањето пред пријателите и семејството и станал свештеник на 10-годишна возраст.

Поголем дел од неговата претседателска кампања досега се состои од појавуавње на телевизија и проповеди во разни црнечки цркви низ земјата, места каде што обично е добро примен.

Притоа, Ал Шарптон ги охрабрува Црнците да се регистрираат за гласање. Тој се залага за намалување на даноците за сиромашните и за средната класа, за право на абортус, подобра здравствена заштита и бракови на хомосексуалците. Тој особено е против американската окупација на Ирак.

Заради едноставните реченици на Ал Шарптон и смислата за хумор, тој е допадлива личност, но според истражувањата на јавното мислење, има мала поддршка. Дури и меѓу Црнците има само 37 проценти би гласале за него.

Дејвид Боситис, аналитичар од Џоинт Центарот, вели дека Ал Шарптон не можел да ја прошири својата база на поддржувачи подалеку од североисточниот дел на САД и дека како кандидат нема да се приближи до последниот Црнец, кандидат за претседател, Џеси Џексон.

“Тоа не е прашање на изборите. Главно е што Афро-Американците сакаат да биде сменет Џорџ Буш. Тоа е тоа. Точка. И сите демократски кандидати се прифатливи се додека изгледа дека имаат потенцијал да одговорат на тоа барање. Ал Шарптон очигледно не може да го стори тоа“, смета господинот Боситис.

Но можноста да изгуби не го плаши Ал Шарптон. Некои набљудувачи на изборите сметаат дека тој се кандидира само за да го подобри својот јавен имиџ. Други велат дека тој нема воопшто да влијае на исходот на изборната трка. Но едно е сигурно – Ал Шарптон ќе ја употреби кампањата за до го засили гласот на малцинствата во САД, што, на крајот, знае најдобро да го прави.

XS
SM
MD
LG