Линкови за пристапност

Реакции по предлогот на Буш за легализација на милиони имигранти - 2004-01-08


“Ова може да биде една од најзначајните промени во американскиот закон за имиграција за последниот половина век“. Ова го вели Стив Камарата од Центарот за Имиграциони студии опишувајќи ги големите промени претставени од претседателот Буш со кои на најмалку осум милиони луѓе ќе им се даде можност да преминат од статусот на илегални работници во законски. Значењето тој го гледа и од друг аспект: “Со тоа драматично ќе се зголеми бројот на луѓето на кои се дозволува влез во земјата.

Мерката оди и подалеку од предлозите за кои Конгресот до сега расправал, како на пример оној на сенаторот од Аризона Џон МекКејн, чија држава граничи со Мексико, што е извор на многу илегални имигранти кои сега се во САД.

“Ние имаме голем проблем во Америка. Имаме голем проблем со стотиците луѓе кои умираат во пустината. Навистина имаме проблем. Ајде заеднички да го решиме тој проблем“, вели сенаторот МеКејн.

Белата куќа вели дека не е точно, како што некои имплицираат, дека предлогот се сведува на чиста амнестија. Но професорот по право од Универзитетот Хафстра, Петер Спиро, вели дека тој е сепак тоа.

“Иако не се вика амнестија, сигурно е дека е блиско на тоа . Признава дека овие лица се дел од заедницата, дека заедницата од нив има корист, дека нудат работна сила и други способности кои ние ги немаме доволно“, смета професорот Спиро.

Само оние странци кои работат без дозвола во САД ќе добијат таков привремен статус. Претседателот Буш вели дека планот е рамен на здраворазумска политика за економија каде ниско платените работни места и услужни дејности каде не се бара посебна квалификација често ги држат илегални имигранти.Тој вели дека тоа се работни места кои Американците не се многу расположени да ги пополнат.

“Ако американски работодавач нуди работа што Американец не е расположен да ја прифати, ние треба да примиме во земјата лице што ќе ја врши таа работа“, кажа претседателот Буш.

Тоа е причината што Стив Камарата од Центарот за Имиграциони студии мисли дека предлогот е исто така насочен кон помагање на работодавачите колку што е за помагање на илегалните странци.

“Бизнис заедницата пружа отпор на секаков напор за намалување на работната сила бидејќи тоа би значело дека ќе треба повеќе да ги плаќаат работниците“, вели господинот Камарата.

Демократскиот претставничка во Конгресот Ненси Пелоси од Калифорнија го осуди планот на Белата Куќа како „шминкерски потег во изборната година“ а Артуро Родригез, претседател на Синдикатот на земјоделците, очекува дека мерката ќе се соочи со силна опозиција во Конгресот.

“Она за што претседателот зборува е насочено кон работодавачите и практично ништо не прави за имигрантските работници. Мислам дека ќе има голема опозиција зашто не оди по вообичаен пат на решавање на проблеми врзани со денешните имиграни во земјата“, вели господинот Родригез.

Дали оваа мерка ќе помогне на претседателот Буш да добие гласови од латино-американските гласачи на ноемвриските избори не е сигурно, зашто имигрантите кои оделе по законски пат да добијат дозвола за работа, може да имаат резерви за мерката со која другите, кои го прескокнале законот, ќе добијат исти статус.

“Една од главните грижи е што амнестија или награда за незаконското однесување е голема шлаканица за оние луѓе кои ги почитувале правилата“, вели господинот Камарата.

Администрацијата на Буш имиграционата реформа ја направи приоритет откако пред три години ја презеде власта и работеше со владата на мексиканскиот претседател Висенте Фокс да се имплементира планот. Но нападите на САД од 11 септември го запреа процесот заради загриженоста за безбедноста на националните граници.

XS
SM
MD
LG