Линкови за пристапност

Де Хуп Скефер: Приоритети на НАТО се Авганистан и единство меѓу западните сојузници  - 2004-01-05


Пристигнувајќи во седиштето на НАТО во Брисел на неговиот прв работен ден како нов генерален секретар на НАТО, г-динот Де Хуп Скефер наиде на серија новинарски прашања за идната улога на НАТО во Ирак.

Поранешниот холандски дипломат, кој ја презеде функцијата прв човек на Алиансата од Британецот Џорџ Робертсон, вели дека ќе мора да се почека на одлуката за присуство на НАТО во Ирак, но и дека такво нешто не може да се исклучи како можност.

„Тоа ќе зависи од развојот на политичката ситуација во Ирак во наредните месеци„, истакна генералниот секретар на НАТО.

Франција и Германија, кои беа главните противници на војната во Ирак, внимателно реагираа на америкаснкиот предлог - НАТО нешто подоцна годинава да преземе контрола врз една мултинационалната единица во Ирак, на чие чело во моментов се наоѓа Полска. Оваа сила во моментов добива логистичка поддршка од НАТО.

Дипломатите во седиштето на НАТО велат дека Франција и Германија би можеле да застанат зад ваквата идеја, како што управата во Ирак под раководство на САД им дава се поголеми овластувања на Ирачаните. Ова прашање најверојатно ќе се најде на дневен ред на самитот на НАТО наредниот јуни во Истанбул, кога, според планот, треба да биде потполно префрлен суверенитетот во рацете на привремената ирачка влада.

НАТО, формиран во 1949-та со првенствена цел да се спротистави на заканата од Советскиот Сојуз, нешто подоцна годинава ќе прими во свои редови седум поранешни комунистички држави, а започна и да дејствува надвор од евро-атлантскиот простор. НАТО сега е надлежен за меѓународните мировни сили во Авганистан.

Според Де Хуп Скефер, зајакнувањето на НАТО присуството во Авганистан, во обид да ја прошири својата мисија надвор од Кабул, треба да биде прва задача на Алијансата. Откако Авганистанците вчера постигнаа согласност за својот нов устав, меѓународната заедница не треба да си дозволи да ја загуби битката за стабилизација на оваа земја, вели првиот човек на НАТО.

„Примарниот фокус овој момент треба да биде врз Авганистан. Ги слушнавме вестите од вчера за резултатот од гласањето на Лоја Џирга и мислам дека Алијансата треба да се залага за остварување на изгласаното. Тоа е фоксуот во Авганистан“, рече тој.

Што се однесува до Балканот, господин Де Хуп Скефер оценува дека неодамнешниот успех на ултранационалистите на изборите во Србија не би требало де се одрази на планот на НАТО да ја предаде мировната мисија во Босна на силите на Европската унија.

XS
SM
MD
LG