Линкови за пристапност

Прва дебата во новата година на американските демократски кандидати за претседателска номинација - 2004-01-05


Кандидатот за претседателска номинација од Демократската партија што засега најдобро котира меѓу останатите, поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин, ги повика своите противкандидати на заеднички обид да се порази претседателот Буш на изборите ноеври годинава. Господинот Дин ова го кажа на првата демократска претседателска дебата во новата година, што се одржа синоќа во федералната држава Ајова.

Пред дебатата, неколкумина демократски кандидати за претседател на политичките емисии на американската телевизија отворено го критикуваа првиот меѓу нив, Хауард Дин, кој со искажаните забелешки во предизборната кампања налути некои сегменти на американската популација.

И покрај критиката, гувернерот Дин ги повика своите соперници да го поддржат оној кој на крајот ќе биде избран за кандидат за претседател од редовите на Демократската партија.

„Сум кажал повеќе пати: бидејќи треба да го победиме Џорџ Буш, јас енергично ќе го поддржам оној што ќе биде номиниран од Демократската партија. Јас исто така силно ги поттикнувам сите мои поддржувачи да го сторат истото. Ќе водам кампања за демократскиот кандидат назначен од партијата, ако тоа не бидам јас. Би сакал да знам кој од оваа бина се согласува да го поддржи номинираниот од Демократската партија“, рече г-динот Дин.

По тоа прашање, гувернерот Дин доби едногласна поддршка. Но, на други теми, како што е трговијата со странство и Ирак, мислењата се разликуваа.

Конгресменот Дик Гепхарт од Мисури, го критикуваше Северноамериканскиот договор за слободна трговија – или НАФТА, како лоша политика. И, одговарајќи на колегата Џон Едвардс, сенатор од Северна Каролина, кој го поддржа влегувањето на Кина во Светската Трговска Организација – господинот Гепхарт кажа дека членството на Кина резултирало во илјадници изгубени американски работни места.

„Поддршката за Кина имаше лоши последици тука во Ајова и имаше лоши последици во вашата федерална држава Северна Каролина. Една од најголемите текстилни компании ги затвори сите свои фабрики во земјата, што значи 60 илјади изгубени работни места“, истакна конгресменот Гепхарт.

Џо Либерман, американски сенатор од Конетикат, изнесе контра-аргумент.

„Ние не може да создаваме работни места со градење ѕидови на протекционизам. Јас ги видов фактите. Во Ајова, една петтина од производствените работни места во оваа држава, според бројките што ги видов, повеќе од сто илјади зависат од трговија. Најголемите два или три пазари за суровините што ги користи Ајова, земјоделски производи и произведени добра, се Канада и Мексико, земјите со кои ние сме во НАФТА“, семта сенаторот Либерман.

Кандидатот Денис Кучинич, американски конгресмен од Охајо, кој е во заднината според поддршката од гласачите, имаше најекстремни гледишта. Тој кажа дека комплетно би го откажал американското учество во НАФТА и во Светската трговска организација. За Ирак, тој смета дека 150-те милијарди долари што американската влада веќе ги потрошила, се пари одземени од домашни програми.

„Претседателот на САД одобри буџет што покажува намалување на бенефициите за ветераните, во образованието, во здравствената заштита и во областа на домувањето, како и во цела низа програми што се однесуваат на работните места. Сметам дека тоа директно е поврзано со исцрпување на федералниот буџет, бидејкќи сме ангажирани во Ирак“, рече г-динот Кучинич.

Керол Мосли-Браун, поранешен американски сенатор од Илиноис и единствен женски кандидат, оцени дека повлекувањето од Ирак не е лесно.

„Ние не можеме само да пресечеме и да избегаме. Ние го дигнавме во воздух тоа место. Ние имаме одговорност барем да го поправиме она што сме го сториле“, вели г-ѓа Мосли Браун.

Во дебатата учествуваше и Џон Кери, американски сенатор од Масачусетс, а овојпат на бината беа отсутни двајца кандидати – генералот во пензија Весли Кларк и активистот за човекови права Ал Шарптон.

Дебатата се одржа две недели пред таканаречениот кокус во Ајова -- што е прв избор во една федерална држава на националните делегати, кои, пак, ќе го изберат демократскиот кандидат што ќе го предизвика претседателот Џорџ Буш на изборите во ноември годинава.

XS
SM
MD
LG