Линкови за пристапност

ЦИА: Новата аудио снимка на Осама бин Ладен веројатно е автентична  - 2004-01-05


Аудио снимка, наводно од терористичкиот лидер Осама бин Ладен, синоќа беше емитувана во арапскиот свет. Говорникот на снимката сугерирал оти целиот арапски свет еден ден ќе биде окупиран од американските сили освен доколку не се стави крај на окупацијата на Ирак.

Лицето на аудио снимката ги повикува сите Муслимани да поведат света војна против САД и нивните сојузници.

Снимката доцна синоќа ја емитуваше арапската телевизиска мрежа со седиште во Катар, Ал-Џезеира, и го идентификуваше говорникот како водачот на терористичката организација Ал-Каида, Осама бин Ладен.

Говорникот на снимката вели дека окупацијата на Ирак е чекор кон окупација на остатокот од Персискиот Залив, вклучувајќи ја и Саудиска Арабија.

Говорникот вели дека окупацијата на Ирак е само вовед во окупацијата на целиот арапски свет. Тој кажува дека се води борба против нив, борба на злото против доброто и дека ќе трае до крајот на светот. Тој исто така вели дека доколку Ирачаните денес не го одбранат Ирак, утре ќе биде окупирана Саудиска Арабија.

Според гласот на снимката, се работи за економска и верска војна што мора да се води со оружје, а не со дијалог.

На снимката се споменува и неодамнешното апсење на арапскиот лидер за кого говорникот вели дека бил поранешен соработник на САД. Очигледно се мисли на соборениот ирачки лидер Садам Хусеин, кој имаше нормални односи со Вашингтон пред ирачката инвазија на Кувајт во август 1990 година.

Ова е прва снимка што му се припишува на Осама бин Ладен во последните неколку месеци.

Ваквите снимки ги загрижуваат американските власти, кои стравуваат дека тие може да предизвикаат или да бидат сигнал за идни терористички напади. Такви напади се случија во минатото по објавување на други снимки на кои наводно говори водачот на Ал-Каида.

XS
SM
MD
LG