Линкови за пристапност

Што ја одбележа џез музиката во 2003 година - 2003-12-31


Неговиот тим не ја освои највисоката титула, но со спортски речник кажано, надвор од теренот, центарот на њујоршките Јенки, Берни Вилијамс ја освои публиката со деби албумот "The Journey Within." Кој воопшто знаеше дека Вилијамс свири гитара?

Берни на почетокот студирал класична музика во родното Порторико. По средното училиште започнал да свири електрична гитара и веднаш станал стручњак за блуз и џез. Бидејќи играњето бејзбол и свирењето гитара не му биле доволни, Берни започнал да компонира музика, вклучувајќи и десвеладо, зачинето со салса.

Во 2003 година и еден рок ветеран, како што е Елвис Костело имаше своја светла точка во џез музиката. Со објавувањето на неговиот џез албум број еден "North," Костело докажа зошто се смета за еден од најдобрите пејачи и пишувачи на балади на денешницата. Тој, албумот "North" го опишува како збир на „мелодија, хармонија, расположение и емоции, најмногу емоции“. Емотивниот Елвис исто така беше главна вест кога во декември ја објави венчавката со џез пејачката Дајана Крол, врска која според многумина е создадена во музичкиот рај.

Г-ѓа Костело, или подобро позната како Дајана Крол имаше своја музички успешна 2003-та година со нејзиниот албум "Live In Paris", за кој доби Греми за Најдобар вокален џез албум.

Кога станува збор за пејачката Нора Џонс, нема ништо подолу од местото број еден годинава, која го задржа ова место на топ листата на џез албуми на Билборд со "Come Away With Me." Се разбира, тешко ќе биде некој да го повотри нејзиниот успех на доделувањето на музичките награди Греми, кога си замина со осум статуетки за речиси се: од албум и песна на годината до најдобар млад пејач. Честитки за неа.

Пејачот, пијанист, композитор и аранжер Питер Синкоти паузираше со неговите студии на Универзитетот Колумбија, за во 2003-та да започне со џез кариера. И навистна станува збор за кариера: веќе има најдобро продаван албум, телевизиски настапи, концерти низ САД и Европа и улоги во два нови филма. Синкоти навистина имаше многу успешна година.

Обожавателите и критичарите исто така имаа пофални зборови за кантри-пејачката која замина во џез водите Сузи Богус за нејзиниот албум "Swing", како и за новиот албум-збирка на стандардните песни на Арон Невил и Стив Тајрел.

Во делот на повторни џез здружувања, тројца членови на некогашните The Crusaders ги здружија силите за издавање нов албум и светска турнеја. Пијанистот Џо Семпл, саксафонистот Вилтон Фелдер и тапанарот Стикс Хупер го вратија времето наназад со нивната карактеристична мешавина на џез, рок и блуз и соул. Многумина од обожавателите кои не се фалат со годините, се сеќаваат на групата која во 60-тите години беше позната како The Jazz Crusaders.

The Crusaders и ги вратија сеќавањата на публиката на 46-тиот Годишен Monterey Jazz Festival, кој забележа рекордна посетеност во 2003-та година. Монтереј исто така прерасна во сцена на најпознатите вокалисти, предводени од Џон Хендрикс, премиера на новата работа на Ралф Таунер и Гери Бартон, енергични настапи на средношколкси џез групи и дебитантнското претставување на новиот филм на Клинт Иствуд посветен на "The Year of the Blues"

А тоа беше година и на албумите на Concord. Оваа џез-куќа од Северна Калифорнија, 30-годишнината од своето постоење во 2003 година го одбележа со каталог во кој се наоѓаат наслови на над 10.000 песни.

Џез флејтистот Херби Ман, беше пионер во светската музика во фузирањето на американскиот џез со ритмите и хармониите од Африка, Индија, Куба, Блискиот исток и Јапонија. Тој беше отворен кон сите стилови и видови музика, па дури сними и поп, диско, боса нова и реге песни. По долгогодишна битка со ракот, Ман во 2003 година почина на 73 годишна возраст. Жално, музичкиот свет се прости уште од две големи џез имиња: лидерот на група Бени Картер и музичарот на удирачки инструменти со латиноамериканско потекло, Монго Сантамариа.

Гледајќи напред кон 2004 -та година, веќе е планирана прославата во чест на 100-годишпнината од раѓањето на џез легендата Глен Милер. Познат по своите хитови "String of Pearls" и "In The Mood," Милер имал само 40 години кога заедно со членовите на неговата група загина во авионска несреќа во 1944 година. Еден век Глен Милер ќе се состои од најновите снимки и почесни концерти низ целата територија на САД.

XS
SM
MD
LG