Линкови за пристапност

САД-Европа:Бурна 2003 година - 2003-12-31


2003 беше бурна година за транс-атлантските односи. Војната во Ирак предизвика едни од најголемите улични демонстрации во европската историја, а на дипломатско ниво, имаше жешки спорови, кога Франција и Германија го поведоа отпорот кон војната предводена од САД против Садам Хусеин.

Војната во Ирак беше карактеристичниот настан за американско-европските односи во 2003. Европските дипломати велат дека американскиот пристап “или сте со нас или против нас“, создал притисоци без преседан. Во еден момент, секретарот за одбрана Доналд Рамсфлед зборуваше за стара Европа, за да ги оддели Франција и Германија од источноевропските земји, како Полска, кои ја поддржаа војната.

Претседателот Буш објави крај на главните борби во Ирак на 1-ви мај, но продолжија бомбашките напади, заседи и гранатни напади, и гинеа цивили и американски војници и беа напаѓани важни цели, како седиштето на ОН во Багдад.

Даниел Грос, директор на Центарот за европски политички студии во Брисел, вели дека биле направени грешки на обете страни од Атлантикот.

„Можеби тоа беше случај на “зарем не ти реков?!“, и се тоа на два пати. Првиот, кога Американците им рекоа на Европејците, “Гледате дека Садам е воена опасност. Народот не дочека како ослободители. Значи, тоа требаше да се стори. Да се оди таму и да се предизвика смена на режимот“. А по неколку месеци, беше ред на Европејците “Ви рековме дека не сте ослободители. Треба да го добиете мирот откако лесно ја добивте војната.“ И, за жал, второто може долго да трае“, вели тој.

Политичките аналитичари велат дека 2003 беше креатор на дипломатски притисок. Европејците не го поднесуваа она што го сметаа за американска политичка ароганција, огромната економска и политичка моќ и она што некои го гледаа како унилатерализам на администрацијата на Буш.

Холандскиот министер за надворешни работи, Бернард Рудолф Бот, вака ги сумира трансатлантските односи.

„Можеше да бидат подобри, но не беа толку лоши како што мислат луѓето. Сметам дека она што го научија САД е дека светот, како што кажа Робер Кеган, не е нешто во кое ќе има еден супер полицаец, а останатите ќе бидат повеќе или помалку среќни што суперполицаецот ги совладува проблемите. Мислам дека САД научија оти проблемите може да се решаваат во глобалниот свет само кога главните сили соработуваат“,истакнува холандскиот претставник.

Дипломатскиот јаз подоцна се намали кога со поддршка на европските критичари на војната, Советот за бебзедност на ОН во октомври усвои резолуција со кога се авторизираа мултинационални окупациони сили во Ирак под американска команда и на Ирачкиот владејачки совет му беше поставен краен рок за одредување на датуми за одржување на избори.

Но и покрај дипломатските прекини, аналитичарите велат дека Европа и Америка и натаму се тесно поврзани со демократските вредности и култура.

Ричард Пелс е професор по историја на Универзитетот во Тексас.

„Во случајот на САД и Европа, зборувате за нешто што во суштина е семејна кавга. Она што се случува во обете семејства и мислам, во случајот меѓу САД и Европа е чувството дека едниот не го предава другиот. Иако едниот е неблагодарен за се што е сторено за него“, смета професорот Пелс.

Натамошен сигнал дека Европа и САД ги разрешуваат семејните недоразбирања, е согласноста на Франција и Германија во почетокот на декември да ја поддржат американската кампања да отпишат барем дел од големиот долг на Ирак кон странските влади.

XS
SM
MD
LG