Линкови за пристапност

Зајакнати безбедносни мерки во Њујорк по повод прославата на Нова Година - 2003-12-31


Речиси 750 илјади луѓе се очекува да се соберат на Тајмс Сквер за да го гледаат традиционалното спуштање на огромната кристална топка на полноќ, што е врв на прославата на Нова година во Њујорк.

Претставниците на локалните служби за безбедност во Њујорк велат дека соработуваат со федералната влада за да помогнат во заштитата на оваа метропола, во време кога Одделот за домашна безбедност го зголеми нивото на предострожност од терористички напади на едно ниво до највисокото.

Властите во Њујорк се во состојба на зголемена готовност уште од по терористичките напади на 11 септември 2001-ва. Американскиот Оддел за домашна безбедност позитивно одговори на барањето на њујоршките власти за воени воздушни патроли над градот за време на новогодишните празници. Федералните воздухопловни власти исто така ќе воведат привремена забрана за прелетување над некои делови на градот.

Илјадници локални полицајци во униформа или во цивил патролираат по улиците и во метрото во Њујорк. Како безбедносна мерка, властите наредија отстранување на кантите за отпадоци од Тајмс Сквер и ги оградија околните улици. Исто така се поставени над 200 детектори за метал за проверка на лицата кои ќе го прослават доаѓањето на Новата година на отворено. Ќе бидат употребени и специјални детектори за радијација со кои ќе се проверуваат торбите на оние што ќе празнуваат.

На прес-конференција, полицискиот комесар на Њујорк, Реј Кели кажа дека зголемениот обем на контраразузнавачки извештаи за опасност од напади бил причина полицијата да го зголеми своето присуство на најранливите цели, како што се хотелите, на пример.

„Годинава посветуваме додатно внимание на хотелите и останатите чувствителни локации. Имаме повеќе персонал, имаме контратерористички хеликоптери и се фокусираме на историските обележја, хотелите и деловните области“, рече тој.

Градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг се обидува да ја смири јавноста, велеќи дека нема некоја конкретна закана за Њујорк.

„Причината за зголемената безбедност е што многу луѓе ќе се соберат на едно место и што дочекот на Новата година е симболично време во годината. Дали треба да се чувствувате помалку или повеќе загрозени во ова време? Не. Треба да продолжите со секојдневниот живот“, порача градоначалникот Блумберг.

За новогодишните празници во Њујорк по традиција има зголемен број на туристи и многумина веќе го посетија Тајмс Сквер каде ќе се одржи централната прослава за Нова година.

„Сме го виделе ова место на телевизија и сакавме да го видиме директно и да ја почувствуваме атмосферата. Ќе биде убаво, ќе биде преполно“, вели еден посетител.

Специјален гостин годинава за прославата на Тајмс Сквер, што ќе се пренесува на телевизијата, ќе биде Шошана Џонсон, која 22 дена беше воен заробеник во Ирак, откако беше погодена од заседа. Се очекува таа да помогне при спуштањето на кристалната топка Вотерфорд, тешка 485 килограми, а ќе ја има и честа да ги одброи последните 60 секунди пред настапувањето на новата година.

XS
SM
MD
LG