Линкови за пристапност

Бугарија - претседавач на ОБСЕ - 2003-12-30


Бугарскиот министер за надворешни работи Соломон Паси ќе ја преземе раководната палка во ОБСЕ, која има 55 држави членки, на први јануари, од својот холандски колега Јап де Хуп Шефер, кој, пак, станува нов прв човек на НАТО.

Портпаролот на ОБСЕ Ричард Марфи појаснува дека претседателствувањето се менува секоја година:„Тоа е доброволен систем. Не е како во ЕУ каде ротирањето оди според однапред договорен план. Практично, кревате рака и велите – Јас ќе го сторам тоа! Бугарија крена рака пред неколку години и кажа дека сака тоа да го стори во 2004 година, и сите се согласија.“

Тој вели дека претседателот може да ја зацрта агендата за дадената година, како што тоа го стори Холандија во 2003 година со борбата против трговијата со дрога, шверцот со луѓе, како и прометот со оружје во централна Азија.

Како раководител на ОБСЕ, се очекува господинот Паси, 47-годишен поранешен дисидент, да стави акцент на соработката во сузбивањето на меѓународниот тероризам и подобрувањето на безбедноста на патните исправи и граничната контрола како приоритети на бугарското претседателствување.

Господинот Паси, инаку голем пријател на САД, беше еден од првите поборници за членство на Бугарија во НАТО.

Дипломатите блиски на ОБСЕ велат дека Бугарија е исто така заинтересирана за поголема соработка со најновиот партнет во ОБСЕ, Авганистан. Тие велат дека ОБСЕ може да промовира проекти од образованието и обука на полицајците во земјата, како и да помогне во подготовката на првите избори што ќе се одржат следната година.

Господинот Паси ќе ја претстави својата агенда за наредната година пред членовите на организацијата кон средината на јануари во Виена.

XS
SM
MD
LG