Со моментално влегување во сила, американската влада ќе бара вооружени агенти да бидат стационирани во авионите на некои меѓународни летови чија дестинација се САД или треба да ја прелетаат нивната територија.
Секретарот за домашна безбедност Том Риџ потегот го нарекува неопходен чекор за обезбедување на воздушните линии. Портпаролот на одделот Денис Марфи не сакаше да каже дали причина за акцијата е специфична закана.
“Јасно е дека има информации заради кои треба да преземеме поголеми предострожни мерки на комерцијалните летови“, вели господинот Марфи.
Таканаречените летачки маршали веќе се поставени на некои домашни линии во САД. Господинот Марфи објаснува што ќе се случи доколку странска авио компанија одбие да соработува.
“Ние нема да дозволиме тој авион да влезе во воздушниот простор на САД“, тврди господинот Марфи.
Минатата недела, шест летови на Ер Франс меѓу Париз и Лос Ангелес беа откажани по предупредувањето од американски претставници дека француската влада може да е цел на грабнувачи на авиони.