Линкови за пристапност

Најнови вести, 29 декември 2003 - 2003-12-29


Иран – 20 илјади жртви во земјотресот

Иранските власти велат дека досега се откриени телата на 25 илјади жртви во големиот земјотрес од петокот, и дека се очекува во урнатините да бидат пронајдени уште тела. Црниот биланс денеска е во пораст, а иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Каменеи и претседателот Мохамед Катами заминаа во стариот град Бам, за да ја видат штетата. Ајатолахот Каменеи вети дека разурнатиот град ќе биде повторно изграден и посилен од порано. Иранските власти велат дека продолжува потрагата по преживеани, но дека се повеќе исчезнуваат шансите оти ќе бидат пронајдени жртви. Во саботата и неделата биле спасени над две илјади лица.

Ирак

Американските воени власти во Ирак соопштија дека американските војници вчера убиле тројца Ирачани, една ноќ откако биле нападнати за време на акција во северниот град Мосул. Властите велат дека војниците пребарувале една куќа кога биле нападнати од осомничени членови на терористичката група Ансар Ал Ислам. Во меѓувреме, ирачката полиција во Киркук соопшти дека биле уапсени четворица странци под сомневање дека помагале во планирањето на нападите во областа. Претставник на полицијата кажа дека двајцата Египќани, Иранец и Авганистанец имале фалсификувани пасоши. Претставници на коалицијата кажаа и дека уапсиле пет лица во врска со саботниот самоубиствен напад во Карбала, јужно од Багдад, во кој загинаа 19 лица.

Либија – нуклеарни инспекции

Првиот човек на нуклерната агенција на ОН кажа дека Либија многу соработува во првите фази на инспекциите за нуклеарно оружје. Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеј на новинарите во Триполи денеска им изјави дела Либија вели оти ќе дејствува како веќе да го потпишала меѓународниот договор за дозвола на ненајавени инспекции. Инспекторите на ОН вчера ги посетиле нуклеарните локации во Либија, кои претходно не биле посетени. Господинот Ел Барадеј и екипа нуклеарни експерти пристигнаа во Триполи во саботата, една недела откако либискиот претседател Моамер Гадафи објави дека неговата земја има тајна програма за нуклеарно оружје и ги објави неговите намери да ја запре оваа програма.

Северна Кореја - преговори

Дипломати од Кина, Јапонија и Јужна Кореја се состанаа во Сеул за да договорат нова рунда на шестпартитните разговори за програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја. Средбата уследи два дена откако Пјонгјанг објави дека се согласува да учествува во новите повеќестрани разговори. Но датумот се уште не е утврден. Кинескиот претставник на состанокот во Сеул, Фу Јинг, на новинарите им изјави дека Северна Кореја сака разговорите да започнат колку што е можно побрзо. Прифаќањето на Северна Кореја е спротивно на претходното противење да се вратат на преговарачката маса се додека САД не направат политички и економски отстапки. Тие ова го објавија пред посетата на кинескиот заменик министер за надворешни работи Ванг Ји.

САРС

Екипа на Светската здравствена организација пристигна во Пекинг за да и помогне на Кина да одреди дали еден 32-годишен човек е првиот нов случај на Тешкиот акутен респираторен синдром. Светската здравствена органзиација и кинеското Министерство за здравство планираат да заминат во јужната провинција Гуангдонг за да го надгледуваат тестирањето на пациентот, кој се наоѓа во болница од 20 декември. Владата вели дека ќе бидат потребни неколку дена за да се потврди дали човекот има САРС. Во меѓувреме, властите велат дека ниту еден од 42-те лица кои биле во близок контакт со заболениот, не покажале симптоми на смртоносната болест. Ова е првиот веројатен случај на САРС по завршувањето на епидемијата во јули.

Британија

Британските пилоти силно се противат на плановите на владата да почне да користи вооружени агенти во авионите на меѓународни летови заради неодамна зголемениот степен на тревога од терористички напади во САД. Првиот човек на британското здружение на пилоти Џим МекОслан вели дека овој потег ќе нанесе повеќе штета отколку добро и дека пилотите не сакаат оружје во авионите. Секретарот за транспорт, Алистер Дарлинг кажа дека овој потег е само еден од серијата зајакнати безбедносни мерки за спречување на киднапирања. Тој истакна дека пилотот во авионот ќе биде информиран доколку внатре има вооружен агент.

XS
SM
MD
LG