Линкови за пристапност

Јапонија ја продолжи забраната за увоз на говедско месо од САД - 2003-12-29


Јапонија вели дека следниот месец ќе испрати делегација во САД која ќе ја провери безбедноста на американското говедско месо.

Тоа е единствениот напредок соопштен по денешната средна на американскиот тим предводен од советникот за трговија на секретарот за земјоделство со високи претставници на јапонските министерства за земјоделство, здравство и надворешни работи.

Јапонците го одбиле барањето од американската делегација за кревање на забраната за американско говедско месо, воведена минатата недела по откривањето на првиот случај на тнр. болест кравјо лудило во федералната држава Вашингтон.

САД сметаат дека нема валидни здравствени причини за целосна забрана, се додека одредени делови од местото не содржат бовин спонгиоформен енцефалит, како што е медицинското име на оваа болест.

Претставници на индустријата велат дека најдобро на што САД можат да се надеваат е Токио да дозволи влез на десетици илјади тони на полусмрзнато и смрзнато говедско месо кое веќе е на пат кон Јапонија.

Јапонија е најголем увозник на американско говедско месо, чија вредност е милијарди долари годишно. Јапонските претставници изјавуваат дека пред да ја укинат забраната, тие сакаат да биде спроведена сеопфатна програма за тестирање од страна на Вашингтон, за што можеби ќе биде потребно подолго време.

Оваа болест на атрофија на мозокот за Јапонија не е нешто непознато. Од имплементацијата на една од најригорозните програма за тестирање во светот, пред две години, Јапонија објави девет потврдени случаи на кравјо лудило во нејзините стада.

Научниците велат дека единствен начин за контакт на луѓето со оваа болест е преку јадење на ткива од заразени крави. Сепак, Светската организација за здравјето на животните им препорачува на земјите во светот да прекинат секаква трговија со говедско месо со онаа нација која ќе пријави случај на болеста.

Раководителот на американската делегација Дејвид Хегвуд претходно имаше успеси во преговорите со Јапонците. Во мај, тој спречи долгорочен прекин во јапонскиот увоз на американско говедско месо, откако една крава во Алберта, Канада покажа позитивни резултати на тестирањето за кравјо лудило.

Јапонија, која го запре увозот на канадско говедско месо, рече дека исто така е загрижена и за набавките од САД, поради обемната меѓугранична трговија со добиток во Северна Америка.

Прелиминарната истрага индицира дека заразената крава во државата Вашингтон веројатно дошла од Канада.

Американската делегација исто така се очекува да ја посети и Јужна Кореја, која е втор по големина увозник на американско говедско месо и една од над 20-те држави во светот кои забранија увоз на американско говедско месо. Тоа сочинува околу 90 проценти од пазарот на американските одгледувачи на добиток.

XS
SM
MD
LG