Нападите се случиле во близина на Бакуба, на околу 50 километри северно од Багдад.
Еден американски војник загинал, а друг бил повреден кога денеска експлодирала бомба поставена крај пат по кој минувал нивниот конвој. Американските сили отвориле оган врз напаѓачите, и, според армиски извори, биле убиени двајца од нив.
Во одвоен настан, денес загинал и еден американски војник при обидот да деактивира бомба, соопшти портпаролот на Четвртата пешадиска дивизија.
Вчера, напаѓачи испукале гранати врз американскиот воен камп во близина на Бакуба, при што загинале двајца американски војници. Овој град се наоѓа во таканаречениот Сунски триаголник, каде што најчесто се изведуваат герилски напади против коалиционите сили.
Серија ракетни и гранатни напади вчера го погодија и Багдад. Американските сили пак, веќе три ноќи по ред со артилерија и воздушна подршка дејствуваат против цели во главниот ирачки град. Денеска во центарот на Багдад можеа да се слушнат низа експлозии, но тие толку често се случуваат што жителите веќе не можат да определат од која страна доаѓаат.