Линкови за пристапност

Земјотрес во Иран-голем број загинати - 2003-12-26


Земјотресот го погоди историскиот град Бам во 5 часот и триесет минути наутро по локално време. Првичните извештаи говорат за голем број на жртви и повредени, како и за значителна материјална штета.

Иранските државни медиуми велат дека е урнат поголемиот дел од објектите во градот, кој се наоѓа на околу илјада километри југоисточно од Техеран. Според извештаите, многу луѓе се уште се наоѓаат под урнатините.

Властите упатија апел за дополнителни количества на крв, лекови и ќебиња. Според медиумските извештаи, телефонските врски со Бам се во прекин.

Иранската влада воспостави кризен центар на околу 200 километри северно од Бам и врши интензивна спасувачка операција. Во близината на Бам слетаа два транспортни авиони Ц-130, а екипи на Црвената полумесечина веќе се наоѓаат на теренот.

Историскиот град Бам, познат по својата тврдина и со векови старите куќи, е дом на околу 50 илјади луѓе. Поголемиот дел од градот е изграден од цигли од печена кал, глина и трска.

Територијата на Иран спаѓа во едно од трусните подрачја на светот. Американската геолошка опсерваторија соопшти дека земјотресот бил со јачина од шест запирка седум степени според Рихтеровата скала, проследен со серија послаби потреси. Во јуни 2000-та, земјотрес со јачина од шест запирка три степени го погоди северниот дел на Иран, при што загинаа над 220 лица. Во 1990-тата, во земјотресот со јачина од седум запирка седум степени во североисточен Иран животот го загубија 35.000 лица.

XS
SM
MD
LG