Линкови за пристапност

Најнови вести 26 декември 2003 година - 2003-12-26


Иран - 4.000 жртви на земјотрес

Иранската државна телевизија соопшти дека околу 4 илјади лица загинале, а околу 30 илјади биле повредени во силниот земјотрес што денеска го погоди историскиот град Бам.

Локалните власти велат дека во земјотресот се урнале две третини од зградите во Бам, при што многу луѓе останале заробени во урнатините. Во земјотресот е уништен и стариот замок во Бам, од кој некои делови се стари две илјади години. Иранската влада испрати спасувачки екипи и апелираше за дарување крв, ќебиња, лекови и кучиња што ќе трагаат по тела во урнатините. Неколку европски држави веќе ветија испраќање спасувачки екипи и хуманитарна помош.

Ирак-напади

Американските воени власти во Ирак соопштија дека четворица американски војници загинале во изминатите 24 часа во област северно од Багдад.

Сите инциденти се случиле во регионот на Бакуба, град што е лоциран 60 километри од ирачкиот главен град и претставува фронт за бунтот против коалицијата предводена од САД во Ирак. Властите велат дека еден војник загинал, а друг бил повреден во експлозија на бомба при што бил погоден нивниот конвој. Друг војник загинал додека се обидувал да деактивира слична експлозивна направа. Двајца американски војници загинале, додека четворица биле повредени доцна синоќа во гранатен напад врз воената база во Бакуба.

Израел-воени операции

Израелските воени власти се состанаа за да разгледаат како да одговорат на самоубиствениот бомбашки напад на палестинските милитанти во близина на Тел Авив.

Министерот за одбрана Шаул Мофаз се состана со главните воени команданти и претставниците на домашната безбедносна служба Шин Бет. Армијата веќе ги опколи Западниот Брег и Појасот Газа по вчерашниот напад на автобуска станица во кој загинаа тројца израелски војници и едно девојче. Еден час пред самоубиствениот напад, изралески хеликоптер изврши ракетен напад врз автомобил кој патувал кон Појасот Газа, при што загинал командант на Исламски Џихад и уште тројца милитанти и двајца цивили.

Турција-тероризам

Турските власти велат дека ја уништиле терористичката ќелија која била одговорна за самоубиствените бомбашки напади во Истанбул, за кои беше потврдено дека биле поврзани со терористичката мрежа ал-Каида.

Гувернерот на Истанбул, Муамер Ѓулер денеска изјави дека властите ипрашувале 159 лица и подигнале обвиненија против 35 по нападот минатиот месец. Гувернерот кажа дека нападите ги извршиле елементи кои се обидувале да се организираат за ал-Каида во Турција. Тој рече дека полицијата запленила и пушки, опрема за бомби и над 500 килограми силен воен експлозив. Властите треба денеска да поднесат обвиненија против 10 други осомничени за нападите, меѓу кои и наводниот лидер. Во четирите самоубиствени бомбашки напади загинаа 62 лица, а десетици беа повредени.

Кина- труење

Отровен чад од изворот на природен гас во Кина од што загинаа 200 лица во почетокот на неделава, сега областа од 25 квадратни километри ја претвори во зона на смртта.

Според медиумските извештаи, телата на селаните и стоката на југозапад од земјата, се расфрлани насекаде низ областа. Спасувачките и техничките екипи денеска требаше да го запечатат изворот за да го спречат ширењето на отровните гасови, но тоа е одложено за 24 часа. Властите велат дека бројот на починатите од експлозијата на полето со гас Чуангдонгбеи во вторниокот, сега изнесува 191 лице. Стотици се повредени, а над 40 илјади жители ја напуштија областа.

Пакистан-истрага за атентатот врз Мушараф

Пакистанските власти веалт дека идентификувале еден од двајцата бомбаши самоубијци од вчерашниот обид за атентат на претседателот Первез Мушараф.

Министерот за информации за агенцијата Ројтерс изјавил дека еден од напаѓачите бил странец. Но министерот за внатрешни работи одби да го каже името на напаѓачот, велејќи дека откривањето на детали ќе ја загрози истрагата. Ова беше втор обид за атентат врз господинот Мушараф во изминатите 11 дена. Генералот има многу противници, меѓу кои и членови на ал-Каида, домашни милитанти, како и Исламисти во армијата. Властите велат дека притвориле неколку лица.

Бенин-авионска несреќа

Спасувачките екипи во западноафриканската држава Бенин трагаат по преживеани и по телата на загинатите од либанскиот патнички авион што вчера се урна, при што загинаа 111 лица.

Спасувачките екипи во текот на ноќта и денеска го пребаруваа крајбрежјето на Бенин. Бејрутскиот Боинг 727 вчера полетал од главниот град на Бенин, Котону, а потоа удрил во зграда, се запалил и паднал во Атлантскиот Океан. Повеќето од патниците во авионот биле Либанци кои патувале дома за празниците.

Калифорнија-жртви од лизгање на земјиште

Спасувачките екипи во Калифорнија ја продолжија потрагата по 10 лица кои исчезнаа по лизгање на земјиштето во младински камп во планинаската област источно од Лос Анѓелес.

Властите велат дека најмалку 24 лица биле заробени кога лизгањето на земјиштето го погодило кампот на грчката православна црква Свети Софија во кањонот Вотерман. Биле спасени 14 лица без повреди. Поројните дождови биле причина за лизгањето на земјиштето во шумската област што неодамна беше погодена од пожари. Властите велат дека калта и урнатините, како и дождовите ја отежнуваат работата на спасувачите. Уништени се многу патишта и мостови, така што спасувачите мораат пеш да одат до погодената област.

XS
SM
MD
LG