Годинава овие верници и стотиците кои дојдоа од Нигерија, Божиќ не го прославија во Витлеем. Со овој празник се одбележува раѓањето на Исус Христос, но оваа прослава се одржа во местото надвор од Стариот град во Ерусалим, обиколен со ѕидини, каде според некои верувања Исус бил распнат, погребан и воскреснал.
За баптистичкиот капелан Кен Трестреил, прославата на Божиќ на ова место е сосема соодветна, бидејќи како што вели, приказната за исусовото раѓање, не може да се одвои од неговото распнување.
„Бидејќи, верувам дека Семоќниот, Таткото, пред да ја види ѕвездата од Витлеем, тој верувал во крстот од Калвари“, вели господинот Трестреил.
Неговите инспиративни говори на религиозни теми беа суштинска спротивност на сериозното и пред се, политичко обраќање што претходно во Витлеем го имаше Латинскиот Патријарх, Мишел Сабах, виш римокатолички свештеник во Светата земја.
Патријархот, кој е Палестинец, остро ја осуди безбедносната ограда што ја гради Израел на Западниот брег.
Израел вели дека проектот е неопходна заштита од терористички напади. Но надбискупот Сабах смета дека таа ги претвора палестинските села и градови во огромен затвор и е спротивност на вистинската природа на Светата земја, која како што рече е место каде двајца можат да живеат во мир.
Веќе трета година по ред, Израел му забранува на палестинскиот претседател Јасер Арафат да присуствува на мисата на Западниот брег. Неговото место во првиот ред било оставено празно прекриено со традиционалната арапска машка шамија-кафија.
Сликата на господинот Арафат била поставена надвор од Црквата на раѓањето, која е изградена на местото каде според традицијата бил роден Исус. Под неа биле испишани зборовите: Запрете со задушувањето на Витлеем.
Но верниците однадвор одбија да и дадат политичко значење на оваа служба.
Наместо тоа, англиканскиот бискуп Икечи Нвосу, кој предводи голема група верници од родната Нигерија, од Бога побара благослов на овој собир.
„Божјиот мир, кој е над човечкото разбирање, тој мир кој дури е помоќен од турбуленцијата во Витлеем во ова време, тој мир кој е среќа за секое дете на Бога и Светиот дух, нека биде ваша среќа, сега и засекогаш“, истакнува бискупот Нвосу.
Тој заврши со молба за продлабочување на вербата и упати Божиќна порака. А неговите верници беа добра причина да верува дека тие веќе се одѕиваат на неговиот повик.