Линкови за пристапност

Рејтингот на претседателот Буш во пораст - 2003-12-24


Најновото истражување покажува дека претседателот Буш има поддршка од 59 проценти од населението, што е највисока од август - наваму. Ова очигледно се должи на подобрувањето на домашната економија како и неодамнешното апсење на Садам Хусеин.

Иако претседателот се обидува да остане настрана од меѓупартиската борба, Белата куќа зад сцената се подготвува за тешка битка за реизбор на г-динот Буш во 2004-та.

„Минуваме низ период на избори и ќе има многу време за политика. Луѓето можат да дебатираат колку што сакаат. Јас ќе ја вршам својата работа, тоа е она што ќе го сторам. Ќе ја вршам работата за да ја направам земјата побезбедна и верувам дека остваруваме напредок кон таа цел“, порача г-динот Буш.

Новото истражување на Вашингтон пост и Еј-Би-Си содржи добри вести и за поранешниот гувернер на Вермонт и еден од кандидатите за претседател од редовите на Демократската партија, Хауард Дин. Анкетата покажува оти 31 процент од испитаниците од оваа партија изразиле поддршка за г-динот Дин, што е за 20 проценти повеќе од ова исто време минатата година.

И покрај неодамнешното апсење на Садам Хусеин, г-динот Дин и натаму стои на ставот дека војната во Ирак била непотребен отклон од војната против тероризмот што штетно се одразил на односите на САД со клучните сојузници.

„Тоа значи нов претседател. Овој претседател нема никогаш да ја поправи штетата што ја причини на моралното раководство на оваа земја, бидејќи тој не е способен за оваа функција. Тој ги персонализира политичките разлики, а тоа е фатална грешка кога раководите со нешто, без оглед дали тоа е бизнис или држава“, истакна г-динот Дин.

Меѓутоа, многумина политички аналитичари велат дека ќе биде тешко за кој и да е Демократ наредната година да го порази г-динот Буш, доколку економијата и ситуацијата во Ирак и натаму бележат напредок.

Сепак, и покрај неодамнешниот зголемен рејтинг на претседателот Буш, годинава поддршката за него варираше, главно поради разочараноста на јавноста од економијата и бројот на загинати американски војници во Ирак.

Сега, меѓу Републиканците навидум владее поголемо чувство на сигурност дека претседателот е во мошне погодна позиција да ги добие наредните избори.

Том Дефранк е уредник на Њујорк Дејли Њуз во дописништвото во Вашингтон и редовен гостин на програмата на Гласот на Америка.

„Постои чувство дека во наредните шест месеци – а тоа го вели и самата Белата куќа - ќе дојде до подобрување на ситуацијата во Ирак. Белата куќа се потпира на ова, како и на претпоставката дека ќе дојде до подобрување и на домашната економија и верува оти ако луѓето почувствуваат дека работите одат на подобро, дека тоа ќе е е доволно г-динот Буш да биде реизбран. Ќе видиме“, вели тој.

Претседателот нема противкандидат од неговата партија и официјално ќе биде реноминиран за претседателските избори на почетокот на септември идната година, на Републиканската националана конвенција што ќе се одржи во Њујорк.

Демократитие го започнуваат процесот со избирање на еден од деветте кандидати од редовите на партијата со конвенцијата во Ајова на 19-ти јануари, по што следат повеќе такви собири се до почетокот на јуни. Тие ќе го изберат својот кандидат на крајот на јули, за време на конвенцијата што ќе се одржи во Бостон.

XS
SM
MD
LG