Линкови за пристапност

Зголемен рејтингот на претседателот Буш - 2003-12-23


Анкетата на Вашингтон Пост и телевизиската мрежа Еј Би Си покажува дека 59 проценти од Американците го одобруваат начинот на кој г-динот Буш ја извршува својата работа. Ова е највисокиот рејтинг на претседателот Буш кај јавноста од август, кога јавната поддршка за американската окупација врз Ирак ослабна, како резултат на нападите врз американските трупи.

Шеесет проценти од анкетираните го одобруваат начинот на кој г-динот Буш ја води политиката во однос на Ирак. Тоа е за 12 проценти повеќе од минатиот месец, по ненадејната посета на претседателот Буш на Ирак и апсењето на Садам Хусеин.

Подобрувањето на јавната поддршка на крајот од годината се случува во време кога претседателот се подготвува за кампањата за реизбор. Според анкетата, доколку гласањето би било сега, тој би го победил кандидатот на демократите, независно кој и да е.

Меѓу деветмината номинирани за негов противкандидат од Демократската партија, води поранешниот гувернер на Вермонт Хауард Дин. Триесет и еден процент од регистрираните демократи се изјаснуваат во полза на г-динот Дин. Никој од неговите ривали нема двоцифрена поддршка. Во директното соочување, 55 проценти од анкетираните би гласале за претседателот Буш, а 37 проценти за г-динот Дин.

Поранешниот гувернер на Вермонт изби на чело на трката за демократски кандидат, делумно и поради неговото спротивставување на војната во Ирак. Сепак, анкетата сугерира дека тој подеднакво е поддржан и од демократите што ја поддржуваат војната.

Демократите исто така го предизвикуваат претседателот и на полето на економијата, каде јавната поддршка е 51 процент, односно највисока од април годинава. Во сооднос од речиси 4 спрема 1, Американците очекуваат нивниот семеен буџет да се подобри во следната година. Четириесет и два проценти смеатат дека економијата е добра или одлична, што е за 33 проценти повеќе во споредба со октомври.

Анкетата покажува дека демократите би можеле да откријат некои слаби точки кај претседателот во однос на некои домашни прашања што се очекува тој да ги покрене во кампањата. Мнозинство од анкетираните не ја одобруваат политиката на г-динот Буш во однос на образованието, бенефициите за постари лица за лековите што се добиваат на лекарски рецепт, како и за федералниот дефицит.

Претседателот и г-ѓа Буш деновиве се наоѓаат во претседателското одморалиште во Кемп Дејвид во околината на Вашингтон, каде ќе го прослават Божиќ. На 26 декември тие ќе заминат на нивниот ранч во Тексас, и во Вашингтон ќе се вратат викендот по Нова година.

XS
SM
MD
LG