Линкови за пристапност

Ирак ќе биде главна тема на наредните претседателски избори во САД - 2003-12-22


До првичните партиски избори има уште неколку недели, но неколку претседателски кандидати на Демократската партија жестоко се ангажирани на тоа да го извадат од колосек Хауард Дин.

Господинот Дин се искачи на врвот, според истражувањата на јавното мислење, заради неговото противење на војната во Ирак. Но некои од неговите противници во Демократската партија кои ја поддржаа војната, сега се надеваат дека апсењето на Садам Хусеин ќе внесе живост во нивните кампањи.

Тоа се сенаторот Џозеф Либерман од Конетикат, сенаторот Џон Кери од Масачустетс и конгресменот Ричард Гепхарт од Мисури. Сите тие сега се сомневаат дали поранешниот гувернер на Вермонт го има неопходното искуство во надворешната политика и националната безбедност за да се натпреварува со претседателот идната година.

Иако го поздрави апсењето на Садам, Хауард Дин не го повлече неговото главно тврдење дека војната во Ирак била непотребно отстапување од војната против тероризмот. Тој исто така кажа дека со апсењето на Садам Хусеин САД не станале побезбедни.

„Мислам дека Демократската партија може да понуди јасна алтернатива на американскиот народ. Мора јасно да ставиме на знаење дека апсењето на еден многу лош човек не значи дека овој претседател и Демократите од Вашингтон може да објават победа во војната против теророт“, вели господинот Дин.

Претседателот Буш брзо одговори на ова на прес-конференцијата минатата недела.

„Слободен и мирен Ирак е дел од заштитата на Америка. Претходно ви кажав, и навистина сум уверен - ова ќе биде настан што ќе донесе промени во делот на светот каде што се негува омраза и насилство“, истакна господинот Буш.

Некои од противниците на Дин во Демократската партија сметаат дека неговото тврдење, оти Америка не станала побезбедна по апсењето на Садам, би можело да му се врати в лице во понатамошниот тек на изборната кампања. „Њујорк Тајмс“ објави дека некои влијателни членови на партијата сега не се чувствуваат комотно во врска со можноста господинот Дин да стане кандидат за претседател идната година.

Но, многу политички аналитичари сметаат дека господинот Дин покажал имресивно лидерство меѓу деветемина кандидати на Демократската партија и ќе биде тешко да биде поразен.

Политичкиот научник од Универзитетот во Вирџинија, Лари Сабато, вели дека базата на поддршката за господинот Дин биле и остануваат либералните Демократи кои беа против војната во Ирак.

„Ако смета дека војната во Ирак е погрешна пред да биде уапсен Садам Хусеин, секако дека не го промениле мислењето по неговото апсење. Апсењето е на некој начин ирелевантно за тоа дали сте за или против војната во Ирак“, рече господинот Сабато.

Со водството на Хауард Дин во истражувањата на јавното мислење и при финансирањето на кампањата, тој стана фаворит за номинација за претседателски кандидат на Демократската партија во оваа рана фаза на предизборната кампања. Првите партиски избори се закажани за 19 јануари во федералната држава Ајова.

Аналитичарот Лери Сабато вели дека конкурентите на господинот Дин се обидуваат да го симнат од водечката позиција уште пред почетокот на гласањето.

„Другите кандидати бараат секакви можни средства за соборување на Дин. Нивната вистинска цел е да го симнат Дин од водечката позиција. Тие дури потоа ќе мислат на тоа кој ќе го преземе неговото место. Проблемот, се рабира, е што постои веројатност тоа да не се случи“, истакна Сабато.

Независно кој ќе биде номиниран од Демократската партија во трката против претседателот Буш, тој кандидат идниот ноември ќе има тешка работа. Според последните истражувања на јавното мислење рејтингот на претседателот е зајакнат со апсењето на Садам Хусеин. Аналитичарите велат дека доколку Ирак продолжи да се стабилизира и доколку американската економија и натаму се подобрува, претседателот Буш ќе биде силен фаворит повторно да биде избран за претседател во 2004 година.

XS
SM
MD
LG