Линкови за пристапност

Против Мајкл Џексон поднесена тужба заради злоставување на дете - 2003-12-19


Обвинителот на реонот на Санта Барбара, Том Снедон вчера поднесе девет обвиненија против пејачот.

„Седум обвиненија од членот 288 за кршење на казнениот закон на Калифорнија, познат како злоставување на дете, и две обвиненија за прекршување на казнениот закон член 222, што вклучува давање алкохолен пијалок на дете со цел да се изврши кривично дело“, подвлече господинот Снедон.

Во овие инциденти е инволвирано неидентификувано дете под 14-годишна возраст, а тоа се случило во февруари и март оваа година. Според медиумите, момчето кое сега има 14 години, имало канцерогено заболување, и го посетило имотот на Џексон во близина на Санта Барбара, Калифорнија каде минало неколку ноќи во спалната соба на пејачот.

Овие обвиненија уследија еден месец откако властите упаднаа на имотот, а потоа го уапсија Мајкл Џексон под сомневање за напаствување. Тој беше ослободен со кауција од три милиони долари.

Пејачот беше принуден да го предаде пасошот, но обвинителите велат дека ќе му биде вратен така што ќе може да отпатува во Британија за да исполни два договори.

Мајкл Џексон ги отфрла обвиненијата, за кои вели дека се засновани, цитираме, „на големи лаги“. Неговиот адвокат, Марк Герагос, вели дека оние што го обвинуваат пејачот сакаат да му ги земат парите.

„Можам сега да ви кажам категорично дека според жалбата што беше поднесена, Мајкл Џексон е неправедно обвинет и апсолутно невин по тие наводи“, вели господинот Герагос.

Мајкл Џексон избегна судење пред 10 години кога беше поднесена слична жалба. Тој се спогоди со семејството што го обвинуваше за неколку милиони долари.

Ќе му биде дозволено да отпатува во Британија од 20 декември до 6 јануари, но ќе мора на 16 јануари да се појави во судот во Санта Марија, во Калифорнија.

XS
SM
MD
LG