Линкови за пристапност

САД започнуваат програма за ангажирање на ирачките научници за оружје во мирнодопски проекти - 2003-12-19


Првата фаза од оваа програма на САД ќе трае две години и ќе чини до 20 милиони долари.

Новите активности во однос на Ирак се базирани на широко поддржаната програма Нaн-Лугар или Програма за соработка во намалување на заканата, со која во изминатава деценија беа ангажирани стотици научници и други професионалци кои работеле на оружје за масовно уништување во поранешниот Советски Сојуз.

До февруари следната година во Багдад ќе биде отворен Ирачки меѓународен центар за наука и индустрија, со два милиони долари американски средства основачки капитал.

На поранешните ирачки научници првично ќе им бидат доделени стипендии за учество во програмите за обука и семинарите за технички прашања, кои потоа ќе водат цивилни проекти, меѓу кои и пилот-програмата за десалинизација.

Портпаролот на Стејт Департментот, Ричард Баучер изјави дека примарната цел е да им се даде можност на овие луѓе кои некогаш работеле на оружјето за масовно уништување на Садам Хусеин, да се вклучат во обновата на Ирак, наместо да ги продаваат нивните услуги на терористичките организации или непријателските држави со нуклеарни амбиции.

Тој рече дека не се знае дали некои можеби веќе се заминати во странство со вакви цели, но можноста за тоа е реална.

„Слушаме приказни и ја знаеме можноста. Ние сакаме да направиме нешто навистина предвреме, и навистина брзо, веднаш по објавувањето на оваа програма, за да се обидеме на овие луѓе да им дадеме можност да придонесат за иднината на Ирак“, истакна Баучер.

Портпаролот вели дека можно е „стотици“ Ирачани да бидат подобни за оваа програма.

Тој додаде дека програмата не е политичка и е наменета за оние кои работеле, а не за оние кои фактички го користеле или издавале наредби за користење на оружјето за масовно уништување во претходниот режим.

XS
SM
MD
LG