Линкови за пристапност

Главните претставници на ОН го предупредуваат Косово дека мора да постигне напредок според поставените меѓународни стандарди - 2003-12-18


Напредокот би требало да се постигне пред да биде донесена каква било одлука за идниот статус на покраината. Првата ревизија за напредокот ќе се одржи за 18 месеци...

Генералниот потсекретар за мировните мисии на ОН, Жан-Мари Гено осумте таканарачени Стандарди за Косово ги нарече важен чекор за определување на конечниот статус на провинцијата. Предложените стандарди на ОН, што беа објавени во почетокот на овој месец, предвидуваат слободни, фер и регуларни избори, слободни медиуми и влијателен и непристрасен правен систем.

Генералниот потсекретар Гено во говорот пред Советот за безбедност кажа дека нема рокови за напредување, но истакна дека стандардите мора да се исполнат пред да биде донесена одлука за статусот.

„Предуслов за каква било дискусија за идниот статус на Косово и натаму е исполнување на осумте стандарди. Истовремено, исполнувањето на стандардите ќе доведе до квалитативни промени на Косово, чија цел и суштински предуслов е напредна демократија и мултиетничко општество на Косово“, истакнува г-динот Гено.

Тој кажа дека меѓу слабостите на Косово е порастот на тешките криминални дела во изминатите два месеца. Пред се, тој ги истакна нападите врз полицијата, вклучувајќи го убиството на двајца полицајци кон крајот на ноември.

Г-динот Гено ги предупреди косовските лидери да работат на подобрување на дијалогот со Белград, Тој ги обвини властите во Приштина за недоволна комуникација со српските лидери откако започна нивниот дијалог во Белград.

Во обраќањето пред Советот за безбедност, српскиот претставник во ОН, Дејан Шаховиќ кажа дека Белград генерално го поддржува концептот “Стандарди пред статус“. Но рече дека овој план ги алармира српските лидери.

„Првенствено, во документот не се дефинирани стандардите на начин што ќе отвори перспективи за создавање на мултиетничко општество на Косово“, вели Шаховиќ.

Сфаќајќи ја долготрајната чувствителност во врска со статусот на Косово, американскиот амбасадор Џон Негропонте предупреди дека не треба да се дискутира за можниот исход се додека не се постигне напредок во исполнувањето на стандардите.

Првата ревизија на напредокот е предвидена за средината на 2005 година.

XS
SM
MD
LG