Линкови за пристапност

Според Светската здравствена организација, животниот век на луѓето од сиромашните земји драматично се намалува особено во Африка - 2003-12-18


Светската здравствена организација вели дека мора да се преземе драматична акција за да се намали разликата во бројот на заболени во сиромашните и богатите земји. Во извештајот на Светската здравствена организација се вели дека девојче родено во Јапонија може да очекува дека ќе живее 85 години. Девојче, пак, од Сиера Леоне, што е една од најсиромашните земји во Африка, веројатно ќе живее 36 години.

Генералниот директор на Организацијата, Јонг Вук Ли вели дека клучната стратегија на ОН за зголемување на животниот век во земјите во развој до 2015-та година, не функционира. Д-р Ли вели дека планот за намалување на смртноста на новороденчињата и контролата на инфективните заболувања не носи резултати бидејќи сиромашните земји имаат недостаток на лекови и други средства потребни за оддржување на децата во живот.

„Со сегашното ниво на напредок, ќе бидат потребни не 15 години, како што беше планирано, туку 150 за да се намали смртноста кај децата во Африка за две третини. Најголема причина за смртноста меѓу 15 и 59-годишна возраст се ХИВ-вирусот и СИДА-та, што на општествата им ги одзема најпродуктивните членови, како и децата од нивните родители“, истакнува д-р Ли.

Светската здравствена организација вели дека годинава од СИДА умреле 3 милиони лица, од кои, повеќето се од Африка. Во извештајот се подвлекува дека само пет проценти од лицата кои живеат во земјите во развој, го добиваат потребниот третман за ХИВ и СИДА-та.

Документот вели дека пет од 10-те најшироко распространети ризици по здравјето ширум светот се хроничните заболувања, како високиот крвен притисок, високиот холестерол, цигарите, конзумирањето алкохол и прекумерната телесна тежина.

Во земјите во развој, извештајот наведува дека седум од десет смртни случаи на деца се причинети од заразни болести, меѓу кои најраширени се респираторните инфекции, цревни заболувања и маларијата. Но главниот и одговорен уредник на извештајот на Светската здравствена организација, Роберт Биглхол вели дека хроничните заболувања кои не се пренесуваат преку комуникација, се позастапени како причина за смрт кај возрасните отколку што тоа се инфективните заболувања.

„Годинава ќе има 57 милиони смртни случаи во светот. 32 милиона од овие случаи или 60 проценти, ќе бидат резултат на овие непреносни или хронични болести. Од тие 32 милиона, 16 милиони ќе бидат резултат на срцеви заболувања и мозочен удар, а смртни случаи кај деца под пет години ќе има 10 милиони“, вели Биглхол.

Тој истакнува дека смртноста и различните видови онеспособеност од хронични заболувања е во пораст во земјите во развој, но во развиените, појавата на овие заболувања е намалена заради добивање соодветна заштита и терапија. Ист е случајот и со децата во овие земји. Подобрата здравствена грижа резултира со подолг животен век.

XS
SM
MD
LG