Линкови за пристапност

vesti za 12-17 - 2003-12-17


Ирак

Ирак - Садам

Бејкер-Европа

Блиски Исток

Проштален говор на Робертсон во НАТО

Франција ги забранува шамиите

Авганистан

Ирак

Од експлозија на камион-бомба денеска во Багдад, загинаа најмалку 10 лица, а десетици се повредени.

Очевидци велат дека камионот експлодирал во близина на главна раскрсница во југозападниот дел на Багдад. Полицијата вели дека експлозиите се случиле ненамерно и дека целта на нападот можно е да била полициска станица, што се наоѓа на оддалеченост од околу два километри од местото на настанот. Во меѓувреме, американските трупи уапсиле десетици лица во најновата операција чија цел е протерување на вооружените бунтовници од градот Самара, северно од Багдад.

Ирак – Садам

Член на ирачкиот владеачки совет вели дека Садам Хусеин бил испрашуван во Багдад.

Муафак ал-Рубаие на новинарите денеска им кажа дека уапсениот ирачки лидер веројатно ќе остане во поширокото подрачје на Багдад, додека не се одржи судењето. Тој кажа дека поранешниот претседател ќе има јавно судење пред ирачкиот трибунал. Американски претставници кажаа дека Садам бил испрашуван на неоткриена локација од страна на ЦИА. Претседателот Буш вели дека верува оти Садам ќе ја добие казната за своите злосторства спрема ирачкиот народ.

Бејкер - Европа

Американскиот специјален пратеник Џејмс Бејкер денеска е во Италија продолжувајќи ја европската турнеја чија цел е да се обезбеди поддршка за напорите за намалување на ирачкиот мулти-милијардерски долг.

Господинот Бејкер планира да разговара за проблемот со италијанскиот премиер Силвио Берлускони, еден ден по добивањето поддршка од Франција и Германија за ирачкото ослободување од долгот. Француските и германските лидери кои вчера имаа одвоени средби со господинот Бејкер, се согласија дека треба да има значително ослободување од долгот за Багдад во таканаречениот Париски клуб. Групата на главни кредитори, составена од 19 држави, подоцна ќе реши колку од долгот тежок 40 милијарди ќе може да биде намален. Ирак исто така должи според проценките околу 80 милијарди долари на други држави и приватни кредитори.

Блиски Исток

Египетскиот министер за надворешни работи следната недела ќе го посети Израел, додека владата на Каиро продолжува со напорите за преговори по прашањето за примирје меѓу палестинските милитантни групи и Израел.

Eгипетските претставници се сретнаа со милитантите во Газа, но на последните преговори не е постигнат напредок. Официјални лица инволвирани во разговорите кажаа дека Египет им рекол на милитантите дека доколку се согласат на прекин на нападите врз Израелците, САД ќе изврши притисок врз Израел да се повлече од палестинските градови.Во меѓувреме продолжува насилството во Појасот Газа, каде според очевидци израелските трупи убиле палестрински тинејџер. Израелците велат дека тие почнале да пукаат откако милитантите активирале експлозив.

Робертсон

Генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, ја напушти функцијата по четири годишен мандат.

57-годишниот Робертсон, инаку поранешен британски секретар за одбрана, помогна Алијансата да функционира и покрај огромната подвоеност пред отпочнувањето на војната во Ирак под американско водство. Тој беше одговорен и за актуелните мировнички напори во Авганистан. Во 1999-та година, г-динот Робертсон раководеше со 19-члената Алијанса за време на бомбардирањето на Југославија. Во јануари функцијата Генерален секретар на НАТО ќе ја преземе поранешниот холандски министер за надворешни работи, Јаап де Хуп Шефер.

Франција ги забранува шамиите?

Францускиот претседател Жак Ширак бара закон со кој во јавните училишта ќе се забрани носење на исламските шамии и други очигледни верски симболи.

Господинот Ширак денеска изјави дека Франција мора да ги задржи своите секуларни традиции и вети дека ќе изврши притисок за забраната до почетокот на идната школска година. Еврејските капчиња и големи распетија исто така би биле забранети. Господинот Ширак го одби предлогот на училишниот календар да бидат додадени муслимански и еврејски празници. Франција, која има најголема муслиманска популација во Западна Европа, е во судир со исламската заедница во врска со носењето шамии. Муслиманските лидери бараат од француските власти забраната да не стапи на сила, затоа што таа би ги обележала Муслиманите.

XS
SM
MD
LG