Линкови за пристапност

Бејкер во Париз:Франција се согласи на простување на дел од ирачкиот долг - 2003-12-16


Изјавите на г-динот Бејкер уследија по состанокот на поранешниот државен секретар со францускиот претседател Жак Ширак во Елисејската палата во Париз.

Г-динот Бејкер изјави дека Франција и САД се согласиле дека е важно да се прости долгот на Багдад во висина од 40 милијарди долари кон 19-те тнр. земји кредитори од Парискиот клуб, во најидеални услови до крајот на следната година.

„Наидов на исклучително топол и пријателски прием овде, како и секогаш кога доаѓам. И како што можете да видите од ова што ви го кажав во врска со ставовите на француската Влада и Владата на САД, ние сакаме да направиме се што можеме за намалување на тешкиот товар од долгот врз ирачкиот народ, така што тој ќе може да ужива во слободата и просперитетот“, рече американскиот пратеник.

Помошта од француската Влада претставува ветувачки почеток на турнејата на г-динот Бејкер низ Франција, Германија и Русија за да ги убеди овие земји да простат дел од ирачкиот долг. Трите земји предничеа во меѓународното противење на војната во Ирак и се меѓу најголемите кредитори на Ирак.

Вкупниот долг на Ирак кон странските земји изнесува 120 милијарди долари, вклучувајќи ги и 80-те милијарди долари кон арапските земји надвор од Парискиот Клуб.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Јуриј Федотов изјавил дека неговата земја ќе ја разгледа можноста за простување на ирачкиот долг. И германското Министерство за надворешни работи на новинарите им го посочува минатомесечното интервју на канцеларот Герхард Шредер, во кое германскиот лидер сугерира оти Берлин, исто така, би можел да прости дел од ирачкиот долг.

Овие вести се чини означуваат ново затоплување во транс-атлантските односи, по повеќемесечната затегнатост во врска со војната во Ирак и обнова na земјата. Потврда на ваквото мислење претставува и вчерашната посета на членови на Ирачкиот владејачки совет на Париз.

Лидерот на Советот, Абдел Азис ал Хаким и се заблагодари на Франција за, како што рече, тоа што секогаш била на страната на ирачкиот народ.

Француските весници исто така објавија ударни извештаи за средбите на ирачката делегација и водечките француски бизнисмени. И покрај забраната од Пентагон за Франција и другите земји кои не се дел од коалицијата за конкурирање за договорите за обнова на Ирак, делегацијата од Багдад посочи оти француските бизнисмени би можеле да потпишат лукративни поддоговори и да конкурираат за оние зделки што не се финансирани од САД.

Дури, еден француски весник го цитира г-динот Ал Хаким кој ги повикува француските бизнисмени да дојдат и да работат во Ирак.

XS
SM
MD
LG