Линкови за пристапност

Советот за безбедност на ОН расправа за иднината на Ирак - 2003-12-16


Ирачкиот министер за надворешни работи, Хошар Зебари на раскараните членови на Советот за безбедност на ОН им порача да ги остават настрана разликите и да соработуваат за враќање на ирачкиот суверенитет.

Употребувајќи необично тежок јазик, привремениот министер за надворешни работи на Ирак ги обвини ОН за неуспех во соочувањето со тиранијата на Садам Хусеин. Тој ја повика светската организација да вложи поголеми напори за враќање на целосна сувереност на Ирак.

„ОН како организација не успеаа да помогнe во спасување на ирачкиот народ од тиранијата што траеше преку 35 години. ОН не смеат повторно да го изневерат ирачкиот народ“,рече тој.

Г-динот Зебари имаше особено остри зборови за противниците на коалицијата во Ирак под американско водство. Тој ги предупреди членовите на Советот за безбедност дека нивните несогласувања ги комплицираат напорите власта да се врати во рацете на ирачкиот народ.

Неколку критики на г-динот Зебари беа упатени на адреса на генералниот секретар на ОН Кофи Анан. Тој го критикуваше г-динот Анан за основањето на Контакт група за Ирак без во неа да бидат вклучени Ирачани. Освен тоа господинот Зебари критички се осврна и на одлуката на г-динот Анан да се одложи враќањето на хуманитарниот персонал во Ирак, кој останува стациониран на Кипар и во Јордан.

Одговарајќи на критиките, секретарот Анан рече дека ОН прават најдобро што можат под тешки услови.

„Очигледно, тоа е негово мислење. Не сакам да го критикувам неговиот говор. Мислам дека ОН направија најмногу што можеа и подготвени сме да сториме повеќе. Ова не е време за префрлање на вината и покажување со прст, туку време кога се обидуваме да дојдеме до креативен начин за помагање на Ирачаните“, истакна г-динот Анан.

Претходно, во обраќањето во Советот за безбедност, г-динто Анан враќањето на власта во Ирак го нарече итна задача. Тој рече дека е невозможно да се каже кога ќе се создадат поволни услови за враќање на меѓународниот персонал на ОН.

XS
SM
MD
LG