Линкови за пристапност

Реакции од арапскиот свет на апсењето на Садам Хусеин  - 2003-12-16


Високи владини претставници од арапските земји и аналитичари од арапскиот свет дискутираа во врска со веста за апсењето на Садам Хусеин, вклучувајќи го и емотивното влијание врз арапските граѓани и дали таа можеби е порака до другите диктатори во регионот. Исто така има и голем интерес за тоа како американската влада ќе постапи со поранешниот ирачки диктатор.

Додека бројни арапски лидери се приклучија на хорот од меѓународни честитки и поздрави за фаќањето на поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин од страна на САД, на улиците на арапскиот свет се забележителни длабоко поделени емоции.

Во месеците пред војната за соборување на поранешниот ирачки лидер, Садам Хусеин упати страсни апели до арапскиот национализам за отпор кон американската интервенција во регионот.

И иако арапските лидери во регионот лично укажуваа на потребата за заминување на ирачкиот лидер, народот на арапските улици протестираше против претстојната војна.

Консеквентно на тоа, за некои Арапи, објавувањето на информацијата во неделата за фаќањето на поранешниот диктатор беше разочарување, бидејќи тие на Садам гледаа како на единствениот арапски лидер, кој им се спротивстави на САД.

Според експертот за арапски прашања, авторот и предавач Абдула ал Ашал, многумина арапски граѓани се подготвени да ја занемарат наводната бруталност на Садам Хусеин, бидејќи според него, во некои апсекти тие не гелдаат големи разлики од она што се случува во нивните сопствени држави.

„Ним им е потребен некој, макар тој бил и криминалец, кој би направил нешто против САД и против Израел. И тие знаат дека Садам Хусеин беше зол кон сопствениот народ, но тие велат кој не е? СИте Арапи, сите до еден се Садам, нов о различна облека. Затоа мислам дека Садам се уште на улиците има голема поддршка“, смета тој.

Г-динот Ал Ашал вели дека поради сомневањата во американските мотиви во регионот, многумина Арапи ќе се сомневаат во тоа дека Садам Хусеин навистна е фатен. Другите, пак, според него ќе веруваат дека неговото фаќање било темпирано да создаде политичка предност за претседателот Буш или да го крене моралот кај американските војници во Ирак кои се соочуваат со секојдневни напади од анти-коалиционите сили.

Но експертот за арапското јавно мислење, Саид Садек Амин, кој пишува за неколку арапски весници, смета дека фаќањето на Садам Хусеин ќе стави крај на секаква поддршка која тој можеби ја имал на арапските улици. Тој вели дека фактот што Садам Хусеин бил фатен како се крие во дупка, изморен и збунет, само покажуваколку поранешниот диктатор сега е слаб и уплашен. Тој додава дека имиџот на Садам на моќен и бестрашен лидер, за неколку секунди го снемало.

Г-динот Амин вели дека тој лично бил возбуден од веста за фаќањето на Садам, бидејќи се надева оти тоа ќе испрати силна порака до другите диктатори во арапскиот свет.

„Се надевам дека кај другите диктатори ќе сугерира и ќе предизвика преиспитување на нивните идеи за бескрајно владеење и против волјата на народот- местење на избори, одбивање да се спроведат реформи и сите нивни оправдувања, само за не дозволат демократизација. Маските на лаги паднаа“, вели г-динот Амин.

Тој додава дека и покрај жртвите што Садам Хусеин наводно ги предизвикал, кај него нема сомнежи оти арапската јавност ќе бара тој да има фер третман од страна на американската влада.

Со ова се согласува и портпаролот на 22-члената Арапска Лига, Хосам Заки.

„САД, кои сега го имаат во своја надлежност, треба да бидат многу внимателни во тоа како го третираат и на какви закони ќе биде подложен, бидејќи сето ова ќе оди заедно со пораката која САД сакаат да ја испратат на арапските улици, независно дали тоа е сила за правда или сила за сама себе. Многумина многу внимателно ќе следат како тој ќе биде третиран и што ќе му се случи. И како Ирачаните ќе се справат со него и тн“, објаснува тој.

Портпаролот на Арапската Лига рече дека судејќи според прославите во неделата во Ирак, по објавувањето на фаќањето на Садам Хусеин, Ирачаните нема да сакаат ништо друго освен правото самите да му судат на нивниот поранешен лидер.

Иако судбината на Садам Хусеин од правен аспект на некој начин се уште е нејасна, американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер изјави дека би очекувал судскиот процес против Садам Хусеин да се води во Ирак по обвиненија за злосторства против ирачките граѓани. Во меѓувреме, американските претставници велат дека г-динот Хусеин ќе биде третиран како воен заробеник, и ќе ја ужива сета заштита според Женевските конвенции.

XS
SM
MD
LG