Буш за апсењето на Садам
Претседателот Буш вели дека фаќањето на Садам Хусеин означува важен момент за народот во Ирак бидејќи се отстранува стравот и им се овозможува на Ирачаните да се фокусираат на формирање на држава со која сами ќе управуваат. Г-динот Буш на прес конференцијата во Белата куќа денеска рече дека САД ќе работат заедно со ирачкиот народ за спроведување на судски процес против поранешниот ирачки лидер, кој ќе се биде следен од меѓународната заедница. Г-динот Буш не сакаше да одговори на прашањето дали е за егзекуција на Садам Хусеин, истакнувајќи дека за тоа ќе одлучат Ирачните. Г-динот Буш исто така кажа дека фаќањето на Хусеин нема да значи промена на американската политика во Ирак и оти нивото на американските трупи ќе зависи од безбедносната ситуација во земјата.
Ирак – експлозии
Продолжуваат бунтовничките напади во Ирак, со експлозии на автомобили бомби пред две полициски станици во Багдад. Во денешните напади загинале најмалку седум ирачки полицајци и двајца бомбаши-самоубијци. Инцидентите се случуваат еден ден откако американските власти го објавија апсењето на поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин. Високи американски претставници велат дека не очекуваат нападите да запрат поради апсењето на Хусеин. Во родниот град на Хусеин, Тикрит, американските трупи и ирачката полиција ги растерале неколку стотините демонстранти кои го изразувале незадоволството заради апсењето на Садам Хусеин. Немало повредени во овој инцидент.
Македонија – Проксима
Заврши мировната мисија на ЕУ во Македонија, а започна полициската мисија. На денешната церемонија во Скопје започна полициската мисија на ЕУ по крајот на првото воено распоредување надвор од нејзините граници. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана кажа дека кусата мировна мисија придонела за стабилизација и нормализација на Македонија. Воената мисија на ЕУ започна по крајот на мировните операции на НАТО во почетокот на годинава.
Бејкер во Европа
Франција соопшти дека Парискиот клуб на држави кредитори може идната година да постигне согласност за реструктурирање на ирачкиот голем долг. Ова е соопштено додека американскиот специјален пратеник Џејмс Бејкер е на пат за Европа на разговори на оваа тема. Францускиот министер за надворешни работи Доминик де Вилепин кажа дека Франција е подготвена да отпише дел од ирачкиот долг во согласност со “финансикиот капацитет“ на Багдад. Господинот Бејкер денеска заминува на мисија да ги убеди Франција, Русија, Германија, Иралија и Британија да помогнат во намалување на ирачкиот долг, кој се проценува на 120 милијарди долари. Во Белата куќа, претседателот Буш изјави дека САД можат и натаму да соработуваат со Франција и Германија во однос на реконструкцијата и други прашања, и покрај нивното противење на војната во Ирак под американско раководство.
Погребан Алиев
Стотици илјади ожалостени се собраа денеска во Баку, на погребот на погребот на долгогодишниот лидер на Азербејџан, Хајдар Алиев. Светски лидери и обични граѓани присуствуваат на церемониите во чест на господинот Алиев, кој пред два месеци поднесе оставка на функцијата и го наследи неговиот син, Илхам. 80-годишниот лидер на Азербејџан, кој почина во петокот, се издигна до власт за време на советската ера и бил член на Политбирото на Комунистичката партија во Москва. Русија, Турција, Украина, Иран и многу други земји од Централна и Источна Европа испратија високи претставници на погребот. САД ги претставуваше помошникот државен секретар, Елизабет Џонс.
Пауел - операција
Стејт Департментот соопшти дека американскиот државен секретар Колин Пауел е на операција за канцер на простата. Во соопштението на Стејт департментот, се вели дека денешната хируршка операција се врши во Армискиот медицински центар Валтер Рид во Вашингтон. Операцијата била закажана порано и официјални претставници велат дека се смета за рутинска. Господинот Пауел, кој има 66 години, ќе остане во болница неколку дена. Потоа ќе има помалку работни обврски додека се опоравува од операцијата. Заменикот државен секретар Ричард Армитаж ќе биде надлежен додека отсуствува господинот Пауел.