Линкови за пристапност

Кларк сведочи против Милошевиќ - 2003-12-15


Г-динот Милошевиќ отсекогаш велел дека доколку во поранешна Југославија се извршени воени злосторства, зад нив стојат трупите на Алијансата. Сега поранешниот југословенски лидер ќе му поставува прашања на човекот кој раководеше со воената кампања против неговата земја.

На јавноста нема да и биде познат текот на сведочењето се до крајот на неделава. Хашкиот трибунал се согласи на барањето на администрацијата на претседателот Буш да и се даде време да го преслуша сведочењето на г-динот Кларк и да предложи измени на каква било информација што би можела да претставува закана по американската безбедност. Ова е необичен чекор на Трибуналот, но судиите ќе го имаат последниот збор за какво и да е барање на САД за бришење на делови од сведочењето на г-динот Кларк.

Многумина други сведоци сведочеле зад затворени врати, обично за да го заштитат својот идентитет, меѓутоа само Франција е позната по тоа нејзините високи воени претставници да даваат докази зад затворени врати.

Двајца адвокати од американскиот Стејт департмент ќе го придружуваат г-динот Кларк за време на сведочењето. Се очекува притоа да се дискутира и за времето кое генералот Кларк го минал со тогашниот претседател Милошевиќ како американски преговарач, кој се обидувал да стави крај на војната во Босна кон средината на 90-те години.

Генералот Кларк вели дека во период од четири години, тој зборувал со г-динот Милошевиќ повеќе од 100 часа, а судењето на поранешниот претседател го нарече историско.

Слободан Милошевиќ се наоѓа во Трибуналот од февруари 2002-та, застапувајќи се себе си по 66 обвиненија за сторени воени злосторства и злосторства против човештвото наводно извршени за време на војните во Босна, Хрватска и на Косово.

Генералот Кларк е еден од најистакнатите кандидати за претседателската функција од редовите на Демократската партија.

XS
SM
MD
LG