Линкови за пристапност

Најнови вести, 15 декември 2003 - 2003-12-15


Македонија – Проксима

Заврши мировната мисија на ЕУ во Македонија, а започна полициската мисија. На денешната церемонија во Скопје започна полициската мисија на ЕУ по крајот на првото воено распоредување надвор од нејзините граници. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана кажа дека кусата мировна мисија придонела за стабилизација и нормализација на Македонија. Воената мисија на ЕУ започна по крајот на мировните операции на НАТО во почетокот на годинава.

Ирак - Садам

Британија вели дека на Садам Хусеин, кој веќе втор ден е во американски воен притвор, веројатно ќе му суди ирачки суд. Британскиот секретар за надворешни работи, Џек Строу вели дека доколку Ирачаните му судат на заробениот диктатор, процедурата би била фер. Американската армија вели дека Садам веќе втор ден го испрашуваат, но не соопштуваат каде тој се наоѓа. Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд синоќа изјави дека Садам не соработувал. Но во еден медиумски извештај се тврди дека првичните изјави на Садам и документите во неговото скривалиште довеле до апсење на најмалку уште еден член на поранешниот режим од висок ранг.

Ирак - експлозии

Автомобили бомби експлодирале пред две полициски станици во Багдад, при што загинале најмалку девет лица. Полициски претставници велат дека денеска осум лица загинале кога автомобил бомба експлодирал пред полициска станица на север во ирачкиот главен град. Меѓу загинатите се возачот на автомобилот и седум ирачки полицајци. Во друг напад врз полициска станица западно од Багдад, загинал возачот на автомобилот и биле повредени седум ирачки полицајци. Овие напади уследија еден ден откако американските власти го објавија апсењето на поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин. Главниот американски воен претставник во Ирак, генералот Рикардо Санчез кажа дека не очекува нападите да запрат иако Садам е во притвор.

Сведочење на Кларк

Поранешниот командант на НАТО и еден од канидатите за претседател на САД, Весли Кларк, сведочи на судењето на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ во Судот за воени злосторства во Хаг. Генералот Кларк беше командант на НАТО во текот на на воздушната кампања во 1999 година врз Југославија додека Белград ги напаѓаше косовските Албанци сепаратисти. Тој два дена ќе сведочи зад затворени врати, а неговото сведочење ќе биде објавено кон крајот на неделава. Инаку, пензионираниот генерал е меѓу кандидатите за претседателска номинација на Демократската партија за изборите идната година.

Погребан Алиев

Стотици илјади ожалостени се собраа денеска во Баку, на погребот на погребот на долгогодишниот лидер на Азербејџан, Хајдар Алиев. Светски лидери и обични граѓани присуствуваат на церемониите во чест на господинот Алиев, кој пред два месеци поднесе оставка на функцијата и го наследи неговиот син, Илхам. 80-годишниот лидер на Азербејџан, кој почина во петокот, се издигна до власт за време на советската ера и бил член на Политбирото на Комунистичката партија во Москва. Русија, Турција, Украина, Иран и многу други земји од Централна и Источна Европа испратија високи претставници на погребот. САД ги претставуваше помошникот државен секретар, Елизабет Џонс.

Пауел – операција

Стејт Департментот соопшти дека американскиот државен секретар Колин Пауел е на операција за канцер на простата. Во соопштението на Стејт департментот, се вели дека денешната хируршка операција се врши во Армискиот медицински центар Валтер Рид во Вашингтон. Операцијата била закажана порано и официјални претставници велат дека се смета за рутинска. Господинот Пауел, кој има 66 години, ќе остане во болница неколку дена. Потоа ќе има помалку работни обврски додека се опоравува од операцијата. Заменикот државен секретар Ричард Армитаж ќе биде надлежен додека отсуствува господинот Пауел.

XS
SM
MD
LG