Линкови за пристапност

Израелски и палестински реакции на апсењето на Садам - 2003-12-15


Израелскиот премиер Ариел Шарон зборуваше за големиот ден во борбата против тероризмот. Тој рече дека го повикал претседателот Буш да му честита за фаќањето на Садам.

“Денеска е голем ден за демократскиот свет и за борбата за слобода и правда за оние кои се борат против теророт. Ни олесна што овој убиец и диктатор нема веќе да стои на патот на обнова и реконструкција на земјата што тој ја уништи“, изјави израелскиот премиер.

Израел на Садам Хусеин гледаше како на еден од најголемите непријатели на регионот. За време на Војната во Заливот во 1991 тој испрати десетици проектили и на палестинските милитанти и на семејствата на самоубиствените бомбаши им даваше пари.

Од Палестинската Управа нема официјална реакција, иако за многумина Палестинци веста беше шокантна. И покрај неговата бруталност многумина Арапи го сметаа за силен лидер кој се спротивстави на единствената суперсила во светот, САД и нивниот сојузник, Израел.

Палестинскиот политички аналитичар Махди Абдел Хади од Палестинскиот академски центар, ПАСИА, вели дека многумина нема да сакаат да поверуваат во вистинитоста на фаќањето на Садам Хусеин.

“Како овој човек кој последните три децении владееше, контролираше и зборуваше како лидер, како херој, како бранител на арапските права, одеднаш се гледа како слаб и речиси кукавички се предава? Арапите повеќе сакаат да го видат како се самоубива и станува маченик, херој, легенда“, вели господинот Хади.

Портпаролот на израелската влада Ави Пазнер вели дека апсењето на Садам Хусеин исто така испраќа порака на другите во регионот, вклучувајќи ја и Сирија.

“Верувам дека тие одново ќе размислат за својата позиција, за својата политика, и ќе прифатат линија што ќе е попријателска во однос на демократијата, слободата и западниот свет. Мислам дека плимата на Блискиот Исток е заменета со осека“м изјави господинот Пазнер.

Господинот Пазнер кажа дека тука има порака и за Палестинците, дека тероризмот и насилството не се исплатуваат.

XS
SM
MD
LG