Линкови за пристапност

Влијанието на апсењето на Садам на американската политичка  сцена  - 2003-12-15


Во изјавата од Белата куќа, претседателот се обиде да се издигне над политичките препирки меѓу републиканците и демократите, поздравувајќи го апсењето на Садам Хусеин како клучно за подемот на слободен Ирак и како една од суштинските победи во војната против тероризмот.

“Заврши темна и болна ера во историјата на Ирак. Дојде нов надежен ден. Сега сите Ирачани може да се обединат, да го отфрлат насилството и изградат нов Ирак“, кажа претседателот Буш.

Апсењето уследи непосредно пред почетокот на политичката кампања за претседателските избори во ноември наредната година, и може негативно да се одрази на обидите на неколку кандидати за претседател од Демократската партија.

Човекот за кого многумина сметаат дека предводи во изборната трка меѓу демократските претседателски кандидати, поранешниот гувернер на Вермонт Хауард Дин, кажа дека веста за апсењето на Садам, како што се изрази, „го разведрила денот“. Тој исто така рече дека апсењето би можело, цитираме, „да го смени курсот на окупацијата во Ирак“.

“Но, ова е вистинска можност да се интернационализира напорот во Ирак и јас го повикувам претседателот да ја искористи оваа несекојдневна можност и да допре до ОН, до НАТО, до другите земји, да донесе сили од други земји што ќе ги заменат нашите, така што ќе може да ги вратиме дома“, изјави господинот Дин.

Без оглед на вака позитивниот тон, веста за апсењето на Садам би можела да го зголеми јазот меѓу демократските кандидати кои ја поддржаа војната во Ирак, и оние кои беа против, како Хауард Дин.

Конгресните републиканци, пак, реагираа во стилот на претседателот и се држеа настрана од политички препирки кој бил или е во право во врска со Ирак.

Првиот човек на републиканците во Сенатот, Бил Фрист од Тенеси, е убеден дека демократите брзо ќе се пренасочат на други прашања за да ги подвлечат своите разлики со претседателот Буш. Тој сепак побара објективност во врска со чинот на апсењето на Садам:

“Се надевам дека слично на ставот на претседателот Буш, и демократските кандидати за претседател ќе отстапат за момент, ќе ја стават партиската обоеност настрана, и ќе уважат дека ова беше значителен ден за луѓето во светот, за Ирачаните, и за Американците“, рече господинот Фрист.

Првичните реакции на јавноста во САД се исклучително позитивни, како на пример следниве две телефонски јавувања на јавната ТВ-мрежа Си-спен.

“Следниот е Осама бин Ладен и со нетрпение го очекувам тој ден. Ова е прекарсен ден за американските војници и му благодарам на Бога за нив. Каде би биле Ирачаните без нас. Ти благодарам, Џорџ Буш“, вели еден гледач.

“Всушност, имам позитивно мислење, иако бев против оваа иницијатива уште од самиот почеток. Сега, кога на вести ја видов снимката на Садам, мислам дека тоа е позитивно. Да се надеваме дека во таа земја може да се врати некаква стабилност и таа да тргне напред“, смета гледачот на телевизијата Си-Спен.

Некои политички аналитичари од редовите на демократите предупредуваат дека фатот што во Ирак и натаму гинат американски војници би можел да претставува слаба точка за претседателот во предизборната кампања за изборите во 2004-та. Сепак, дури и тие признаваат дека во моментов, со тоа што домашната економија започнува да се враќа на нормала, како и по апсењето на Садам Хусеин, претседателот Буш е во доста силна позиција, и тоа во доста добро време, непосредно пред почетокот на предизборната кампања.

XS
SM
MD
LG