Линкови за пристапност

Најнови вести, 11 декември - 2003-12-11


Ирак

Американските трупи во Ирак уапсиле тројца осомничени лидери на герилски ќелии и заплениле големо количество оружје во акција во градот Тикрит. Армиски портпарол изјави дека се верува оти овие лица делеле оружје и организирале напади врз коалиционите трупи. Војниците откриле пушки, гранати и материјал за правење бомби во градина во близина на куќата што била цел на упадот рано утрово. Во меѓувреме, воени претставници изјавија дека двајца американски новинари биле повредени во гранатен напад додека ги придружувале американските војници во Багдад. Властите исто така кажаа дека бомбаш самоубиец активирал експлозивна направа пред армиска база во градот Рамади, западно од Багдад. Но нема информации за жртви во овој инцидент.

Ирак- долгови

Претседателот Буш ќе испрати специјален пратеник идната недела да побара од Русија, Франција и Германија да му ги простат долговите на Ирак, иако овие земји се исклучени од американските договори за обнова. Господинот Буш денеска ги бранеше ограничувањата на договорите. Тој кажа дека американските даночни обврзници очекуваат проектите што тие ги плаќаат да ги добијат земји чии војници ги ризикуваа своите животи за слобода на Ирак. Но претседателот рече дека противниците на војната во Ирак се уште може да придонесат со отпишување на долговите на Ирак. Портпаролот на Белата куќа кажа дека господинот Буш на европските лидери вчера им кажал дека “ќе ги држи отворени линиите на комуникација“ за проблемот со договорите.

Израел - Палестинци

Петмина Палестинци загинале,а 12 биле повредени во судир меѓу милитантите и израелските трупи во бегалски камп во Газа, изјавија лекари во Појасот Газа. Според очевидци израелски војници утрово влегле во бегалскиот камп Рафах и опколиле две куќи. Палестинските милитанти фрлиле гранати и почнале да пукаат врз израелските трупи. Израелски армиски претставници велат дека војниците уапсиле еден палестински милитант од групата Исламски Џихад, по кого имало потерница. А некои членови во коалиционата влада на израелскиот премиер Арил Шарон се закануваат со оставки доколку тој се обиде да премести некои еврејски населби од палестинските области.

Израел - експлозија

Во експлозија во Тел Авив загинале три лица, но израелската полиција вели дека е веројатно се работи за обид за убиство на лидер на криминалци. Експлозијата се случила околу пладне во менувачница во израелска приморска деловна област. Претставници на полицијата велат дека целта на нападот бил човек на подземјето, Зев Розенштајн, кој бил полесно повреден во нападот. Во експлозијата биле повредени 17 лица,а биле искршени прозорците на околните згради. Сведоци изјавија дека експлозијата се случила кога осомничениот водач на криминалци влегол во менувачницата.

ЕУ – Устав

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони кажа дека ќе биде чудо ако лидерите на ЕУ постигнат конечна согласност за предлог уставот на Унијата, но вели дека чуда се случуваат. Господинот Берлускони, чија земја во моментов раководи со ротирачкото претседателство на ЕУ, ова го изјави во Брисел каде што пристигнуваат лидерите на Унијката за утрешниот самит што треба да биде фокусиран на документот. Полскиот претседател и германскиот канцелар за ова прашање разговараа денеска во Берлин. Германија е еден од најголемите поддржувачи на актуелниот предлог, додека Шпанија и идната членка Полска силно се спротивставуваат на одредбата за поголема гласачка мож на ќленките на ЕУ со побројно население.

Северна Кореја – нуклеарна програма

Претставници на Јужна Кореја велат дека ги истражуваат извештаите за нови активности во главниот нуклеарен објект на Северна Кореја. Јужнокорејскиот весник Јонганг се повикува на дипломати во Вашингтон и Сеул кои изјавиле дека американски разузнавачки сателит открил како излегува чад од котел што бил поврзан со нуклеарната лабораторија во објектот. Весникот пишува дека бил регистриран чад четири пати овој месец. Министерот за обединување на Јужна Кореја, Јонг Се-хјун кажа дека Сеул се обидува да ги потврди овие извештаи. Во весникот се наведува дека САД и Јужна Кореја се обидуваат да откријат дали оваа активност е поврзана со репроцесирање на прачки нуклеарно гориво, чекор што може да води кон производство на нуклеарно оружје.

Пакистан-уапсени научници

Пакистанските власти притвориле двајца научници од престижната Пакистанска нуклеарна лабораторија бидејќи е можно дека биле инволвирани во префрлање на нуклеарни информации во Иран. Опозиционите политичари и локалните медиуми велат дека се работи за Фарук Мухамед и Јасин Чохан. Господинот Фарук е директор на Истражувачките лаборатирии Кахута, во кои се развиваат нуклеарните и балистички програми. Господинот Јасин, пак е директор на лабораторија. Во соопштението на министерството за надворешни работи индиректно се потврдува нивното апсење. Но во соопштението се отфрлаат неоснованите обвиненија дека Пакистан му помогнал на Иран да развие нуклеарна програма.

XS
SM
MD
LG