Линкови за пристапност

Нова дебата на кандидатите на американските демократи за номинација за претседателските избори во 2004 година - 2003-12-10


Конкурентите на Хауард Дин за претседателска номинација од Демократската партија не се повлекуваат и по вчерашното објавување дека поранешниот потпретседател Ал Гор ја поддржува кампањата на Дин.

Поддршката на Гор беше одлична вест за кампањата на Дин. Но неговите противници не се поколебаа за време на телевизиската дебата во една од неколкуте американски федерални држави каде започнуваат партиските избори за претседателски кандидат во Њу Хемпшир.

Кога еден од водителите на дебатата побара од сите деветмина кандидати да дигнат рака доколку мислат дека Хауард Дин може да го победи претседателот Буш на изборите идниот ноември, само господинот Дин дигна рака.

Еден по еден, конкурентите на Хауард Дин ветуваа дека ќе се борат за гласови на претстојните избори на Демократската партија што започнуваат во Ајова на 19-ти јануари.

Ова е сенаторот од Масачусетс, Џон Кери.

„Оваа трка не е завршена се додека не се соберат и избројат гласовите“, рече г-динот Кери.

Сенаторот Џозеф Либерман особено беше повреден со поддршката на Ал Гор на кампањата на Дин. Сенаторот Либерман беше кандидат за потпретседател на Ал Гор на изборите во 2000-та и одлучи да се кандидира за номинацијата во 2004 само откако господинот Гор се откажа.

„Ние водиме грижа за вредностите. Не интересира намалување на даноците за средната класа и соработка со фирмите за отворање нови работни места. Хауард Дин и сега Ал Гор, претпоставувам, се на погрешната страна за секој од овие проблеми“, истакна тој.

Уште една поплака на поддршката на Гор пристигна од активистот за човекови права од Њујорк, Ал Шарптон. Тој се жалеше дека поранешниот потпретседател се однесувал како политички шеф во обид да ја насочи поддршката на Хауард Дин.

„Нема да дозволиме некое големо име сега да ни кажува дека теренот треба да биде ограничен и дека не може да бидеме слушнати. Републиканците не замолчуваат веќе четири години. Ал Гор и ниту еден друг Демократ не смеат да не замолчуваат“,порача г-динот Шарптон.

Друг конкурент, сенаторот од Северна Каролина, Џон Едвардс кажа дека Демократите нема да одржат “крунисување“ за Хауард Дин. Друг пак, конгресменот од Мисури Ричард Гепхарт, кажа дека тој подобро ќе се пласира против претседателот Буш во некои клучни држави на средниот запад.

Конечно, господинот Дин доби шанса да одговори.

„Ако сте вознемирени од поддршката на Ал Гор, нападнете ме, не го напаѓајте Ал Гор. Ал Гор многу напорно работеше на изборите во 2000-та на кои навистина и не изгуби, тој доби 500 илјади гласа повеќе од Џорџ Буш и не заслужува да биде нападнат од кого било тука. Тој не е политички шеф“, рече г-динот Дин.

Во поголем дел од натамошната дебата доминираа критиките на кандидатите на Демократите упатени на тоа како претседателот се справува со Ирак. Сите деветмина конкуренти и натаму бараат поголеми напори за меѓународно и учество на ОН во Ирак за олеснување на транзицијата кон демократија.

Со поддршката на Гор, Хауард Дин изгледа дека ќе биде во добра позиција да ја добие номинацијата на Демократската партија за претседателки кандидат. Тој води во истражувањата на јавното мислење во државите каде што ќе се одржат првите партиски избори, како Ајова и Њу Хемпшир и тој собра најмногу пари од кој било друг кандидат на Демократите, од кои повеќето се мали донации преку Интернет.

XS
SM
MD
LG