Заменикот-државен секретар Пол Волфовиц кажа дека од безбедносни причини, главните договори за реконструкција ќе им бидат доделени само на фирми од САД, Ирак и на оние земји кои обезбедија војници и друг вид на поддршка за воените напори на коалицијата.
Ова е наведено во документот што е со датум од минатиот петок, но беше објавен вчера од страна на Коалиционата привремена управа во Ирак предводена од САД.
Оваа одлука значи дека на државите како Франција, Германија и Русија нема да им биде дозволено да се натпреваруваат за 26-те главни договори во вредност од речиси 19 милијарди долари. Со овие договори се предвидува обновување на ирачката нафтена индустрија, на електричната и водоводната мрежа, комуникациони проекти и други градежни програми, како и опремување на новата ирачка армија.
Во документот на Волфовиц се вели дека ограничувањето на договорите само за земјите од коалицијата ќе ја охрабри нивната натамошна соработка. Исто така се сугерира дека ограничената конкуренција може да го зголеми меѓународното учество во обновата на Ирак.
Во документот се наведени 63 држави кои се сметаат за подобни да се натпреваруваат за договорите за обнова на Ирак. Меѓу нив се клучните американски партнери, како Британија, Италија и Шпанија и неколку источноевропски земји, како и држави од Латинска Америка, Африка и Азија.
На прашањето дали веројатно ќе бидат обновени лошите односи меѓу САД и Франција, Германија и Русија во врска со ирачката војна, еден висок претставник на Одделот за одбрана кажа дека Пентагон не е загрижен. Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека државите кои се исклучени од процесот на наддавање се уште може да и се придружат на коалицијата.