Линкови за пристапност

САД започнаа разговори со своите сојузници за плановите за прераспоредување на армиската поставеност во светот - 2003-12-08


Двајца високи американски функционери во понеделникот се состанале со амбасадорите на НАТО за да дискутираат за промените што се очекува да доведат до затворање на бази во Западна Европа.

Двајцата претставници, потсекретарот за одбрана Даглас Фејт и државниот потсекретар, Марк Гросман, на новинарите им изјавија дека Вашингтон се уште не донел конечна одлука за преместување на трупите од базите од времето на Студената војна во Германија во бази во Источна Европа, кои се поблиску до потенцијалните кризни жаришта. Но господинот Фејт јасно кажа дека новата структура на силите на американскиот Оддел за одбрана ќе биде одраз на фактот што седум источноевропски земји идната година влегуваат во НАТО.

„Неодамнешното проширување на НАТО, што е големо зајакнување на Алијансата, е важна нова реалност. А, многу од актуелната поставеност на силите во Европа е базирана на ситуацијата од времето на Студената војна и мора да се прилагодиме при што ќе се земе предвид дека Алијансата е поголема и посилна од пред неколку години“, истакна Фејт.

Бидејќи плановите за ново разместување во структурата на американските сили ќе имаат влијание во светот, господата Фејт и Гросман започнаа серија консултации што имаат за цел да ги објаснат промените, при што ќе посетат неколку европски главни градови, меѓу кои и Москва.

Американската армија веќе подолго време сака да го премести својот персонал од постојаните бази во Европа, како оние во Германија во кои има околу 80 илјади војници со нивните семејства, во поистурени оперативни објекти, што ќе им овозможи побрзо распоредување во кризни ситуации.

Државниот секретар Колин Пауел минатата недела им кажа на сојузниците во НАТО дека американските аранжмани во базите во Европа се застарени и треба да се прилагодат на новите закани како тероризмот, за да бидат одраз на напредокот на технологијата и мобилноста што ја имаат американските воени сили.

Но господинот Фејт одби да даде рокови за ваквото прераспоредување.

„Не сме стигнале ни до фазата во која ќе дискутираме за одредени одлуки во врска со преместување на одредени единици, а камоли за нивно официјално соопштување. Она што го разгледуваме е како да осигураме дека имаме капацитет во Европа што ќе му овозможи на НАТО и натаму да биде способен, издржлив и релевантен во претстојните децении“, вели Фејт.

Иако вели дека го разбира фактот што затворањето на базите ќе ги погоди локалните економии, господинот Фејт истакнува дека некои промени може да се случат веќе на почетокот на идната година.

XS
SM
MD
LG