Според медиумските извештаи, преиспитувањето на вселенската програма е во тек. Претседателот Буш наводно е заинтересиран и за повторно испраќање на американски астронаути на Месечината.
Претставници на Белата куќа одбиваат да ги потврдат ваквите наводи. Но еден од главните советници на претседателот вели дека господинот Буш бара да соопшти нешто драматично што ќе ја возбуди јавноста, а весленската програма е дефинитивно такво нешто.
Во интервјуата на неколку телевизиски емисии, шефот на кабинетот во Белата куќа, Ендрју Кард, кажа дека претседателот бара и добива различни идеи од луѓето во неговата администрација, вклучувајќи го и првиот човек на американската вселенска агенција.
„Добиваме многу сугестии од членовите на кабинетот на претседателот и од администрацијата, како Шон О Киф од НАСА. И, претседателот ќе донесе одлука. Едно нешто ви гарантирам, тој ќе има смела агенда за оваа земја“, истакнува Кард.
Господинот Кард одби да каже дали е можна нова мисија на месечината. Меѓутоа, на емисијата „Late Edition“ на Си-Ен-Ен , тој ги истакна заложбите на претседателот за вселенски летови со човечки екипаж.
„Претседателот разбира дека сакаме да продолжиме да ја истражуваме вселената. По несреќата со спејс-шатлот, претседателот кажа дека нема да се откажеме од истражувањата на вселената“, вели Кард.
Како што е познато, вселенското летало Колумбија се распадна при пристигањето на земјата на 1-ви февруари 2003, при што загинаа сите членови на екипажот. Претседателот Буш нареди меѓуагенциска ревизија на вселенската програма, што како резултат би можело да обезбеди поттик за нова вселенска мисија.
На емисијата „Face the Nation“ на Си-Би-Ес, како и на Си-Ен-Ен, господинот Кард не даде детали за ревизијата ниту за евентуалните препораки како резултат од неа. Но, тој јасно стави на знаење дека секој амбициозен план за истражување што ќе вреди милијарди долари ќе биде долготраен, со оглед на актуелните приоритетни трошоци.
„Можам да ви кажам дека овој претседател е посветен, пред се, на сигурноста и безбедноста во земјата, создавањето на економски можности за сите Американци, за да можат да најдат работа, доколку сакаат да работат. Истовремено, сакаме да обебзедиме Америка да има соништа, а овој претседател ќе обезбеди многу можности за таквите соништа“, вели господинот Кард.
Во 1962 година, поранешниот претседател Џон Кенеди го сврте вниманието на јавноста кога кажа дека Америка ќе испрати човек на Месечината до крајот на деценијата. Во јули 1969 година, неговиот сон се оствари кога астронаутот Нил Армстронг стапна на површината на Месечината. Последното спуштање на Месечината беше пред 31 година, на 7-ми декември 1972-ра.