Многу очекуваната одлука на претседателот Буш за повлекување на американските царини за увоз на челик го отстрани изворот на затегнатост во односите меѓу Вашингтон и евроспките трговски партнери.
ЕУ се закани дека кон крајот на овој месец ќе воведе санкции за американски увозни стоки во вредност од 2,2 милијарди долари, доколку овие мерки не бидат укинати.
ЕУ во чија надлежност се трговските прашања на нејзините 15 земји членки одлучи да воведе санкции за американските стоки откако телото за жалби на Светската трговска организација пресуди во полза на ЕУ, Јапонија и уште шест други држави, кои се жалеа оти американските царини ги прекршуваат правилата на светската трговија.
Комесарот за трговија на ЕУ, Паскал Лами на новинарите им изјави дека е задоволен од американската одлука за елиминирање на царините.
“Ние сакавме овие заштитни мерки да бидат отстранети. Тие се укинати. Тоа е добра вест за работниците во европската челична индустрија. Нашиот извоз на челик во САД, а ние имаме многу конкурентна челична индустрија, ќе може да продолжи и тоа е добра вест“, изјави господинот Лами.
Г-динот Лами вели дека Европа сега ќе ја повлече заканата за воведување реципрочни санкции.
Г-динот Лами и неговите помошници, знаејќи дека г-динот Буш следната година го очекува битка за реизбор, определија одмазнички царини за производи направени во Флорида и Мичиген, од кои зависи политичкиот успех на претседателот.
Европските држави и поединечно позитивно реагираа на американската одлука. Британија соопшти дека тоа значи оти нема да има трговска војна меѓу САД и Европа. Франција вели дека Вашингтон го почитува авторитетот на Светската трговска организација.
ЕУРОФЕР, Европската асоцијација на челична индустрија соопшти дека европскиот пристап на американските пазари повотрно ќе се нормализира. Гај Дол, кој раководи со Арцелор, една од најголемите европски челични компании се жали дека како резултат на санкциите, неговата компанија има загуба од продажбата на американскиот пазар од 300 милиони доалри и оти ќе му треба една година за да ја поврати својата позиција на пазарот на акции. Г-динот Дол, говорејќи во однос на претседателот Буш, рече дека не треба да му се заблагодарувате на оној кој застанал на црвено светло.