Линкови за пристапност

САД планираат посебна ирачка воена единица за помош во справувањето со бунтовниците - 2003-12-04


Ирачките и коалиционите претставници го објавија контроверзниот план за формирање на ирачка воена единица за да се засили борбата на американската армија против анти-коалициониот бунт.

Коалиционите претставници велат дека новата воена единица ќе биде формирана со здружување на припадници од петте најголеми политички партии во земјата кои учествуваат во Владејачкиот совет назначен од САД.

Се очекува секоја партија да даде околу 170 борци, меѓу кои Шиити и курдските пеш мерга, кои го бранеа северниот автономен курдски регион од армијата на Садам Хусеин.

Трупите на американските специјални сили ќе ја вооружуваат, ќе ја обучуваат и ќе соработуваат со единицата, чии операции ќе бидат под ирачкото министерство за внатрешни работи и ќе ги надгледува воената команда под водство на САД во Багдад.

Според воени извори, првичната цел на батаљонот ќе биде апсење на лојалисти на садамовата партија Баат и на други осомничени бунтовници во и околу ирачкиот главен град.

Кога ќе биде распоредена новата анти-терористичка единица како дел од новите ирачки Сили за цивилна одбрана, со тоа веројатно петте политички организации во Владејачкиот совет ќе имаат подеднаква улога во внатрешната безбедност на земјата.

Партиите долго време тврдеа дека на нивните паравоени сили треба да им биде дадена поголема одговорност бидејќи се подобро обучени отколку постоечките ирачки сили и посоодветни за борба против Баатистите и странските муслимански екстремисти отколку коалиционите трупи.

Но овој план е жестоко критикуван дека анти-терористичката обука на паравоени сили кои припаѓаат на различни групи може да биде голем контраудар за коалицијата предводена од САД.

Критичарите, меѓу кои и некои членови на Владејачкиот совет, се загрижени дека ирачките политички лидери би можеле да ги искористат овие борци за да ги остварат сопствените агенди, како отстранување на политичките противници и против нивните непријатели.

Портпаролот на коалицијата, Ден Сенор ги отфрла овие стравувања. Тој вели дека припадниците на паравоените сили ќе бидат регрутирани според ригорозни услови и како поединци и како на цели единици.

XS
SM
MD
LG